МЕЃУНАРОДНИ РЕВИЗОРСКИ СТАНДАРДИ

МЕЃУНАРОДНИ РЕВИЗОРСКИ СТАНДАРДИ (МРС) – водичи во рамките на процесот на хармонизација што го почнаа Меѓународната федерација на сметководители (МФС) и нејзините членки. Комитетот за меѓународна ревизорска практика (КМРП) веќе има објавено 29 водичи за меѓународна ревизорска практика (до 1990). Стана повеќе од јасно дека глобалните пазари на капиталот имаат потреба од ревизорски стандарди за подобрување на квалитетот на финансиското известување, особено за финансиските трансакции надвор од границите на националните економии. Со прифаќањето од страна на членките на МФС на потребата за промена од водичи на стандарди во меѓународни ревизорски стандарди, КМРП започна сеопфатен проект на нивно ревидирање и кодифицирање. КМРП издаде мрежа од МРС, кој е примарно фокусиран на ревизијата на финансиските извештаи (1994). Бенефициите од користењето на глобалните МРС од страна на ревизорите при ревидирањето на финансиските извештаи беа и сè уште се предмет на дебата во научните и професионалните кругови. Но, и покрај перманентно присутните дебати за потребите од хармонизација на ревизорската професија, евидентна е силната поддршка за примена на МРС кај пазарите на капитал во светот. МРС ги имаат прифатено 155 членки на МФС од 118 земји во светот. Од октомври 1998 г. и РМ пристапи кон примената на МРС, како супститут на националните ревизорски стандарди. Имено, со Законот за ревизија од декември 1997 г. беше воведена задолжителна примена на МРС при ревизијата на финансиските извештаи на деловните ентитети од страна на ревизорите. Според овој закон, Министерството за финансии беше одговорно за превод, ажурирање и публикување на МРС. Со новиот Закон за ревизија од септември 2005 г. се отвори процес на дерегулирање на ревизорската професија. Новооформениот Институт на овластени ревизори на РМ од мај 2006 г., а во негови рамки и Комисијата за стандарди за ревизија, ги презеде ингеренциите за ажурирање, публикување и правилна имплементација на МРС во ревизорската практика на РМ. ЛИТ.: Хандбоок оф Интернатионал Аудитинг, Ассуранце анд Етхицс Проноунцементс 2007, Интернатионал Федератион оф Аццоунтантс. З. Б.