МЕНАЏМЕНТ НА ВКУПНИОТ КВАЛИТЕТ

МЕНАЏМЕНТ НА ВКУПНИОТ КВАЛИТЕТ (ТОТАЛ ЉУАЛИТЅ МАНАГЕМЕНТ) – менаџмент-филозофија на континуирано подобрување на квалитетот воден од менаџментот, со цел да се задоволат потребите на потрошувачите. Реакциите на потрошувачите се најдоброто мерило и претставуваат индикатор за квалитетот на производот или услугата. Доколку се подобри квалитетот, се очекува трошоците да опаднат, со што поефективно ќе се задоволат потребите на потрошувачот. Претставниците на менаџментот на вкупниот квалитет него го опишуваат и го објаснуваат на различни начини, како, на пример: продолжување на научниот менаџмент; нова парадигма на претпријатијата, ориентирани кон потрошувачот; сеопфатен начин на унапредување на вкупното работење на претпријатието; нов начин на размислување на менаџментот во претпријатието, или пак како филозофија или приод на менаџментот, кој се карактеризира со свои принципи, практика и техники, како креирање култура на претпријатието, како сеопфатен приод на континуирано подобрување на квалитетот што е воден од менаџментот и сл. Основните принципи на менаџментот на вкупниот квалитет се следниве: квалитет, потрошувач, вклученост на менаџментот, партиципација на сите вработени, тимска работа, обука и култура. Според суштината на менаџментот на вкупниот квалитет, на квалитетот на производите – услугите влијаат четири групи стеикхолдери: потрошувачи, менаџери, работници и добавувачи. Примената на менаџментот на вкупниот квалитет вклучува неколку техники, како на пример: кругови на квалитет, бенцхмаркинг, континуирано подобрување, овластување, снабдување од надворешен извор и намалено времетраење на циклусот. Концептот на менаџментот на вкупниот квалитет во нашата практика постепено добива во значење поради зголемената конкуренција на домашниот пазар, високиот степен на надворешнотрговската либерализација на земјата и соочувањето со фактот за ниската конкурентност на македонската економија наспроти процесите на глобализација и заострената конкурентска борба на странските пазари. ЛИТ.: Бобек шуклев, Менаџмент, четврто издание, Скопје, 2004. Б. ш.