МАКЕДОНСКО АРХЕОЛОШКО НАУЧНО ДРУШТВО – асоцијација со професионално членство, формирано како Археолошко друштво на СР Македонија на 28. Ⅺ 1970 г. во Прилеп. Прв претседател бил Бошко Бабиќ, а потоа: Саржо Саржоски, Вера Битракова-Грозданова, Паско Кузман, Костадин Кепески, Драги Митревски, Воислав Санев и Ирена Настева Колиштркоска. Основните статутарни определби му се: да ја следи, да ја насочува и да ја развива научноистражувачката работа, да се залага за презентацијата и афирмацијата на резултатите од ископувањата преку организирање научни собири и нивно правовремено публикување. До 1990 г. беше член на Сојузот на археолошките друштва на Југославија, а во еден мандат го раководеше неговото претседателство и секциите за праисторија и антика. Има организирано повеќе научни и стручни собири: Ⅹ конгрес на Сојузот (Прилеп, 1976), 16 свои симпозиуми посветени на резултатите од истражувањата во годините меѓу симпозиумите, потоа две тркалезни маси: „Неолитот и енеолитот во Македонија и нивниот однос со соседните области“ (1987) и „Доцноантичката архитектура на почвата на Југославија” (1987), како и повеќе јавни трибини и предавања. Во рамките на некогашната меѓурепубличка соработка на археолошките друштва, биле организирани Денови на словенечката и на хрватската археологија, како и Денови на македонската археологија во Словенија. Музејот на Македонија бил соорганизатор на изложбите: „Праисторија на Македонија“ (Штип, 1971, Љубљана, 1976, и Белград, 1977) и „Од археолошкото богатство на СР Македонија“ (Скопје, 1981). АДМ го издава своето двегодишно сп. „Мацедониае ацта арцхаеологица“(излезени 17 броеви), ја објавило монографијата „Предисториска населба Барутница кај Анзабегово во Македонија“ од П. и Ј. Корошец (1973), како и каталози од изложби. Поради измени во законските регулативи, неколку пати го менувало своето име: Здружение на археолозите на СР Македонија (1979), Здружение на археолозите на РМ (1991), а од 1995 функционира како Македонско археолошко научно друштво. ЛИТ.: Паско Кузман, Белешки за некои аспекти на археологијата на Македонија, во: Лидија Миладиновска, Македонско археолошко научно друштво – Библиографија на македонската археологија 1945 – 2000, Охрид, 2001. В. С. МАКЕДОНСКО ДВИЖЕЊЕ ЗА БАЛКАНСКИ ПРОСПЕРИТЕТ