МАКЕДОНСКАТА ЛИГА

МАКЕДОНСКАТА ЛИГА – националноослободителна организација на македонските емигранти во Бугарија, конституирана по задушувањето на Кресненското македонско востание. Кон крајот на 1879 г. во Русе (Бугарија) е основана Бугарско-македонска лига за ослободување на Македонија. Кога во Цариград започнува да работи Европската комисија за реформи во Македонија, охриѓанецот Васил Дијамандиев и велешанецот Георги А. Георгов ја формираат Македонската лига (1880) составена од пет члена, организирана по углед на Ирската лига. Организаторите сметале дека стоилјадната македонска емиграција во Кнежевство Бугарија масовно ќе се вклучи во Македонската лига „Пирин Планина“ и под раководство на 17 војводи и со формирањето Привремена управа на Македонија ќе претставува респективна ослободителна воена сила. Преку рускиот дипломат М. А. Хитрово, Лигата подне-М. А. Хитрово, руски конзул во Битола сува меморандум до Цариградската амбасадорска конференција, како и до Берлинската интернационална конференција со остри закани за големо востание ако не се исполнат ултимативните барања. Лигата имала „Инструкција“ (наместо устав), во која се определува: „Секој Македонец што живее во Кнежевството Бугарија треба да се смета за член-созаклетник и член-помагач и безусловно да се покорува на Русенската лига“. Меѓу задачите било и создавањето Органски устав на Македонија. Лигата, по углед на белгискиот устав, подготвила „Устав за идното државно уредување на Македонија“, како и две опширни воени инструкции „за устројството на Македонската војска во автономната држава Македонија“. Во преамбулата на Уставот се фиксирани основните цели и задачи: „Толкувајќи го стремежот и желбата на големото мнозинство од населението на територијата што со векови го носи името Македонија, а со цел еднаш за секогаш да се оневозможат сплетките и интригите околу нејзиното заграбување од страна на балканските држави, имајќи го предвид чл. 23 од Берлинскиот договор за давање автономија на одделните области во Европска Турција, Македонската лига, единствен легитимен претставник на словенското мнозинство од населението во Македонија, го подготви овој Устав за идното државно уредување на Македонија“ (1880). Со чл. 100 Лигата се задолжува Уставот „да го достави до Високата порта, до претставниците на европските големи сили, до соседните балкански кнежевства и да издејствува нивна согласност за неговото спроведување во живот“, а со чл. 103 се одредува „да се испрати и до Привремената влада на Македонија во Гремен-Теќе за усогласување и негово прифаќање“. На 23 јуни 1880 г., со потписот на војводите од Пирин Планина, Привремената управа на Македонија упатува писмо до потписниците на Берлинскиот договор за исполнување на чл. 23. Актите на Лигата ја претставуваат идејната матрица за натамошната ослободителна борба во Македонија. ЛИТ.: Славко Димевски, Владо Поповски, Светомир шкариќ, Михајло Апостолски, Македонската лига и Уставот за државно уредување на Македонија од 1880, Скопје, 1985; Блаже Ристовски, Историја на македонската нација, Скопје, 1999, 58–71. Бл. Р.