Македонија – римска провинција. Основана во 148 г. пр.н.е., откако и во Македонија римскиот легат Квинт Каекилиј Метел во битката кај Пидна го задушил Првото македонско востание под водство на Филип Ⅵ Андриск. Од 27 г. пр. н.е. под сенаторска управа, во периодот од 15 до 44 г.н.е. е под управа на царскиот легат, а потоа повторно под сенаторска управа.
Го зазема најголемиот дел од јужниот Балкански Полуостров, териториите на Кралството Македонија по текот на реките Халиакмон (Бистрица), Аксиј (Вардар) и средниот и долниот тек на р. Стримон (Струма). На овие територии биле придодадени и териториите на Илирија (денешна Средна Албанија), Северен Епир (денес Јужна Албанија, Северозападна Грција). На југ се граничела со провинциите Ахаја и Епир (по 106 г. н.е.), на исток со Тракија, а на север со провинциите Далматија и Горна Мезија. Главен град на провинцијата бил Тесалоника (Солун), а други позначајни градови биле: Епидамнос (Дирахион) и Аполонија – на илирскиот брег; Лихнид, Хераклеја и Стоби – во Горна Македонија; Лариса, Дион и Пела – во Долна Македонија и Тесалоника, Потидаја, Амфипол, Филипи, Неапол и Тасос на Халкидик – на трако-македонскиот брег. Економска база за животот биле плодните полиња, како и богатите природни суровини, пред сè дрвото (кое се применувало во градежништвото) и рудите. Негативна страна била транзитната местоположба во центарот на Балканот, преку која придобивките од источните цивилизации се трансферирале при изградбата на западните цивилизации. ЛИТ.: Ј. Сасел, Мацедониа, Табула Империи Романи, К34, Лјублјана, 1976, 82-83; Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957. В. Л.