МАКЕДОНИЈА – византиска тема, формирана поради опасноста од Бугарите во времето на царицата Ирина, најдоцна од 802 г., кога првпат се спомнува во изворите. Ја опфаќала Северозападна Тракија со центар Адријанопол. Името го добила по населението што се преселило таму од географска Македонија по словенските напади. Оттаму потекнува и основачот на македонската царска династија Василиј Ⅰ. Значително намалена, уништена е од Османлиите во втората половина на ⅩⅣ в. ЛИТ.: Constantino Porfirogenito, De thematibus.Introduzione, testo critico, commento a curadi A. Petrusi, Citta del Vaticano,, 1952; П. Коледаров, Образуване на тема „Македония“ в Тракия, „Известия на Института за история“, ⅩⅩⅠ, София, 1970, 219-240. Б. Петр.