МАЗЕВ, Петар (Кавадарци, 10. Ⅱ 1927 – Скопје, 13. Ⅲ 1993) – сликар и педагог, клучна личност на модерната и постмодерната уметност, значаен сликар со многубројни следбеници и приврзаници. Како водечка фигура во македонското сликарство, извршил големо влијание врз сликарите од разни генерации. Заедно со Н. Мартиноски, тој е најеминентен претставник на експресионизмот. Дипломирал на АЛУ во Белград (1953). Бил член на авангардната група Мугри и еден од главните иницијатори за формирањето на ФЛУ во Скопје. Самостојно излагал во Скопје, Белград, Загреб, Њујорк, Љубљана. Првите слики ги работел во експресионистички манир (Црвенокосата, 1955; Портрет, 1957), потоа го прифатил метафизичкото сликарство (Оплакување, 1958). Во шеесеттите години преминал во доменот на апстракцијата, создавајќи своевиден енформел со изобилство означители блиски на македонското поднебје (Црвен град, 1961; Композиција, 1962; Манастирски пејзаж, 1965; Презреано жито, 1965) кои оставиле силен печат во историјата на сликарството. По едно фрагментарно свртување кон геометризмот во седумдесеттите, П. М. се вратил кон трајниот афинитет за експресионизмот, практикуван до крајот на неговиот живот (Крст, 1971; Жена, 1972; Курбан, 1978; Мазохизам, 1980; Собир, 1991; Црвенокоса 2, 1991; Тројца, 1993). Извел повеќе мозаици, од кои најзначаен, најголем и највпечатлив е мозаикот во Спомен-костурницата во Велес (1979 –1980). Позната е и неговата монументална фреска во Скопската железарница (1967). Негови дела се наоѓаат во државни и приватни збирки во РМ, САД, Германија, швајцарија, Србија, Хрватска и др. ЛИТ.: Борис Петковски, Петар Мазев (каталог), Скопје, 1966; Јохн Руссел, Петар Мазев, „Тхе Нењ Ѕорк Тимес“, Нењ Ѕорк, 13. Ⅱ 1981; Соња Абаџиева Димитрова, Петар Мазев, Скопје, 1990; Спомени за Петар Мазев (приредувач Кирил Темков), Кавадарци, 2005. С. Аб.-Д.