МАЖОВСКИ, Исаија Радев

МАЖОВСКИ, Исаија Радев (Лазарополе, Дебарско, 9. Ⅲ 1853 – Плевен, РБ, 1926) – македонски патриот, бунтовник, комита, зограф и политички деец за македонско-албанска соработка. По завршувањето на црковното училиште во родното село, три години со двајцата браќа го учат иконописниот занает, по кое два месеца престојува во Зографскиот манастир на Света Гора, каде што се зближува со јеромонахот Натанаил Кучевишки и со него патува во Петербург на прославата на словенските просветители Св. Кирил и Методија (11.Ⅴ 1867) и ја има првата средба со рускиот император Александар Ⅱ. По две години има Исаија Мажовски средба со рускиот амбасадор во Цариград грофот Игнатиев и се запознава со бугарските дејци при конституирањето на Бугарската егзархија (1869–1870). Учествува во антипатријаршиската борба во родниот крај (1871–1873), па е уапсен и еден месец лежи во Битолскиот затвор. Потоа оди во Тирана за договор со албанските првенци за заедничка борба за ослободување и присуствува на албанскиот конгрес во Призрен (1874). На пат за Русија се среќава со рускиот дипломат Хитрово во Букурешт и учествува во прославата на 1000-годишнината од смртта на Св. Методија во С.-Петербург, а во Царско Село на императорот Александар Ⅲ му предава молба „од името на македонскиот старословенски народ од Дебар и Кичево (Македонија)“ (12. Ⅴ 1885). Учествува во Македонскиот комитет во Софија (1886), а во следната година го информира Хитрово во Букурешт за заедничката македонско-албанска акција „за слободата и независноста и на двете земји – Македонија и Албанија“. Илегално пак заминува во Киев на прославата на 900годишнината од покрстувањето на Русите, се среќава со истакнати словенофили, меѓу нив и со видни српски претставници, а на бродот по р. Днепар пред највисоките претставници на руската држава, наука и култура одржува знаменит говор за Македонија и за „несреќниот македонски роб“ (13. Ⅶ 1888). По враќањето, одново оди за разговори со албанските првенци од Тирана, ги води нив во Софија и ги враќа назад. Во времето на Охридскиот заговор е уапсен во Лазарополе и осуден на 7 години заточение во Беас-Кале (1889–1894). Помилуван, се враќа во Софија и поведува писмена постапка за посета на Белград за со помош од Србија да се отвори „српско-арнаутско училиште“ во Дебарско. И без позитивен одговор, тој лично стигнува во Белград и му ја образлага идејата на српскиот министер за надворешни работи (април 1895). Потоа оди во родното село (6. ⅩⅠⅠ 1895), но обвинуван како „бунтовник“ и „паликуќа“, мора да се правда кај пашата во Дебар. Би-дејќи не му даваат пасош, тој илегално се префрла во ќустендил (1896) и оттаму пак заминува во Русија и во Петергоф му поднесува нова молба на рускиот цар Николај Ⅱ од името на „клетите македонски Словено-Бугари“. Во Светиот синод на РПЦ предава еден стар ракописен минеј и има историско-политички диспут (во присуство на митрополитот Победоносцев, генералот Гесеј и проф. Плетнев) со српскиот амбасадор во Русија Сава Груиќ, тврдејќи им дека „ние сме старословенски народ, преселени од Мајка Велика Русија во Македонија многу понапред од Бугарите и од Србите, но говорот ни е поблизу до бугарскиот, па освен тоа ние се сметаме за духовни чеда на Светата Бугарска егзархија“ (мај 1897). Му предлага на претседателот на ВМОК Борис Сарафов (1901) „да се определат македонски делегати што ќе заминат во сите големи држави за да работат врз прогласувањето на самостојноста на поробената и измачена Македонија“, особено во Русија, „зашто Србите деноноќно работат и настојуваат во Петербург да нè прикажат како старо-Срби“. Сарафов, меѓутоа, му одговорил дека „тие имаат одено во Русија, но таа не сака ни да чуе за Македонија“. Подоцна го помага Востанието во Македонија, а по „Уриетот“ (1908) патува одново во Албанија за да организира заедничка антиуриетска акција. Ги објавува во Софија своите „Спомени“ (1922) и по четири години умира (веројатно) кај семејство-ИЗВ.: ВÍзпоминания на ИсаŸя Радев Мажовски роден на 9 март 1852 година, в село Лазарополе ДебÍрско – Македония, София, 1922; И. Г. Сенкевич, Нови материјали од архивата на М. А. Хитрово, „Гласник на ИНИ“, 2/1965, 113–118; истата, Документи од историјата на Македонија во архивата на М. А. Хитрово, „Гласник на ИНИ“, 1/1966, 171–184. ЛИТ.: Блаже Конески, Спомените на Исаија Мажовски, „Културен живот“, Ⅲ, 4, Скопје, 26. Ⅱ 1951, 1–2; Томислав Тодоровски, Спомените на Мажовски, Скопје, 1972; Д-р Блаже Ристовски, Васил Икономов (1848–1934). Прилог кон проучувањето на македонскиот културно-национален развиток, Скопје, 1985, 37–43 и 88–91; истиот, Историја на македонската нација, МАНУ, 1999, 92-98. Бл. Р. Петар Мазев