КРАТКИ ЖАНРИ

КРАТКИ ЖАНРИ . – кратки говорни народни умотворби, усна народна реторика. Колку и да се хетерогени по својата форма и содржина, по архаичноста и начинот на кажувањето претставуваат неразделна целина. Немаат развиено сиже и по правило се многу кратки форми. Во секоја јазична реализација не можат да се бараат фабуларни, сценски или емотивни значења. Нивните битни назнаки се исклучително реторички и се класифицираат како здравици, благослови, баења (гатања, вржања), клетви, заклетви, заколнувања, брзозборки, подбивања (покуди), лажења (лажги, измами), пословици и поговорки, изреки (фразеологизми, јавки), гатанки, прашанки, игри на зборови (каламбури), закани, поздрави и отпоздравувања (пофалби и честитки). Некои теоретичари во кратките жанри го вбројуваат и вицот. ЛИТ.: Боне Величковски, Кратките жанрови и детскиот фолклор во Охридскострушкиот регион, Современата состојба на фолклорот во Охридско-струшкиот регион, Скопје, 2006, 35–66. Б. В. Радин Мост во Кратово КРАТОВО – град во североисточниот дел на РМ со 6.924 ж. (2002). Лежи на западните падини на Осоговските Планини од двете страни на Кратовска Река, на дното на изгаснат вулкански кратер, на надморска височина од околу 700 м. Зафаќа површина од 220 ха. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 11,6° С и просечна количина на врнежи од 700 мм. Кратово се смета за една од најстарите градски населби во Македонија. Под името Кратискара (Цратисцара) се споменува уште во римско време, а под името Коритос за време на Византија. Во средниот век бил значаен рударски и трговски центар во кој Дубровчаните имале своја трговска колонија. Освен месното население и Дубровчаните, во Кратово имало и Саси кои се занимавале со рударство. Од кратовските рудници се добивало олово, цинк, сребро, злато, бакар и железо. Престојот на Сасите го потврдуваат топографските имиња кои и денеска постојат како што е шлегово, а за престојот на Дубровчаните (Латини), потокот Ла-тишница. Интензивно рударење продолжило и за време на Турците. Во ⅩⅤⅠ и ⅩⅤⅠⅠ в. овде се ковале сребрени пари. По Австро-турската војна од 1689 до 1690 г. и Карпошовото востание, градот бил опустошен, а рударските окна затворени. Во почетокот на ⅩⅠⅩ в. центар на рударството станува Злетово, па во Кратово сосема престанува рударската дејност. Кон крајот на ⅩⅠⅩ в. во Кратово живееле 4.500 ж. од кои значаен број биле Турци. По 1912 г. голем дел од Турците се иселува, така што Кратово се претвора во мала градска населба која во 1931 г. имала само 1.883 ж. И денеска тоа е мал град со таа карактеристика што 97% од населението се Македонци. Од малцинствата има само малку Роми (151 ж.). Кратово е седиште на општина која зафаќа површина од 37.544 ха, има 31 населено место со 10.441 ж. Населението е вработено главно во рударството и во индустријата. Постои рудник за неметали, фабрика за брусеви, за пластични маси и текстилна фабрика. Има сочувано повеќе куќи со стара градска архитектура, атрактивни едносводни камени мостови меѓу кои посебно се истакнуваат Радин, Јохчиски и Чаршиски Мост, и 6 средновековни кули од кои се познати Симиќевата, Хаџи Костовата и Емин Беговата Кула. Во градот постои гимназија, уметничка галерија и здравствен дом. ЛИТ.: Тодор ™орÑевић, Кратово, Посебна издања Географског друштва, св. 11, Београд 1931; Митко Панов, Кратово, „Географски видик”, бр. 6, Скопје 1981. Ал. Ст.