КОРУБИН, Благоја (Прилеп, 1. Ⅲ 1921 – Скопје, 17. Ⅱ 1995) – национален деец, првоборец, филолог и преведувач (од српски, руски и француски), научен советник, истражувач и раководител на Одделението за современ македонски јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје. Основно училиште и гимназија завршил во Прилеп. Како член на Литературната секција во Гимназијата го напишал и првиот прозен состав на српски јазик „Живот у Прилепу и околини”(1937/1938). Бил член на воспитна група за кандидати за СКОЈ, на која Борка Талески им држел предавања за македонското национално прашање. По обуката станале членови на СКОЈ (1938/1939), а по матурирањето и членови на КПЈ (јуни 1940). Наскоро бил избран и за член на МК на СКОЈ во Прилеп, кој често организирал младински излети со културна и политичка програма, за кои составувал музичко-поетски хумористично-сатирични песни („врапчиња“). Станал истакнат национален комунистички активист и организатор. Месниот комитет на СКОЈ, во кој членувал, ја организирал и Илинденската демонстрација во Прилеп (1940). Потоа заминал на студии на Педагошката група на Филозофскиот факултет во Скопје (1940/1941). Тука формирал Македонска група од 15-18 членови на КПЈ и на СКОЈ, а во Студентскиот дом каде што живеел бил еден од уредниците на Ѕидниот весник, каде што објавувал свои политички написи и афирмативен напис за македонскиот јазик од Нула Кацаволу. Со подоцнешниот проф. д-р Панче Кировски превеле од француски на македонски јазик публикацијата „Прашањата на ленинизмот“ од Ј. В. Сталин. Истовремено ја раководел и скоевската група во Средното техничко училиште во Скопје, а бил задолжен за стручна помош и на партиската ќелија во работилницата на Папатеодоси и на ќелијата на шивачките работници. Кога бил направен обид за повторно издавање на весникот „Наша реч“ (јануари или февруари 1941), влегол во Редакцијата заедно со Дејан Алексиќ и Антон Колендиќ и ја напишал уводната статија за првиот број. По потпишувањето за пристапувањето на Кралството Југославија кон Пактот (25. Ⅲ 1941), вечерта на 26 март скопските студенти излегле на скопското корзо со пароли против пактот и војната. По говорите на А. Колендиќ и Филимена Михајлова, по барање на демонстрантите тој говорел на македонски јазик, поради што морал да се спасува со бегство од режимските агенти. По фашистичката окупација станал борец на Првиот прилепски народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев” и учествувал во првата востаничка акција на Денот на востанието на македонскиот народ (11. Ⅹ 1941). Наскоро потоа бил уапсен и осуден, па целиот период на НОБ го минал во Скопскиот затвор (14. Ⅹ 1941 – мај 1943 и јуни 1943 – септември 1944) и во затворот во Хасково (мај–јуни 1943). Тука ја напишал зачуваната „Песна на скопските затвореници” (кон крајот на 1941). Во просторијата во која биле сместени околу 60 затвореници од Македонија и Јужна Србија, тогашниот секретар на ПК на КПЈ за Македонија Лазар Колишевски формирал затворско партиско раководство, во кое бил и Б. Корубин како одговорен за организацијата на културно-забавниот живот. За потребите на приредбите што ги организирале, тој напишал и други песни, „врапчиња” и биле изведувани драмски текстови во проза и во стихови. По Ослободувањето извесно време работел во Прилеп, а потоа во Скопје како јазичен редактор во Издавачкото претпријатие „Култура” (1946) и во Институтот за здравствено просветување на СРМ како раководител на Одделот за печат (1946-1953). На еден конкурс ја освоил првата награда за расказот „Првите излегуваат” (1947). Во меѓувреме ги продолжил студиите на Филозофскиот факултет (група за македонски јазик) во Скопје (1947/1948) и бил репресиран по Резолуцијата на Информбирото (1948), а по дипломирањето (1952) преминал на работа како асистент во Одделението за јазик на Институтот за фолклор (во јануари 1953), по два месеци осамостоен како Институт за македонски јазик, од каде што, како раководител на Одделението за современ јазик (1965-1986), заминал во пензија (1986). Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија (1959-1966) и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања, прозни состави, четири стихотворби и други прилози. Бил посебно посветен во истражувањата на практиката на македонскиот јазик и повеќе децении ја уредувал рубриката „Јазично катче” на дневниот весник „Нова Македонија” и бил долгогодишен уредник на списанието „Македонски јазик” и „Литературен збор”. ИЗВОРИ: Благоја Корубин, Сеќавања, АИНИ, Скопје, 7. Ⅶ 1976, интервјуто го водел Симо Младеновски. БИБ.: Јазикот на Крсте П. Мисирков, Скопје, 1956; Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања, том И-Ⅲ, Скопје, 1961, 1965 и 1966 (со коавтори, а под редакција на Блаже Конески); Крсте П. Мисирков (1874-1926), Скопје, 1966; Јазикот наш денешен, книга 1-6, Скопје, 1969, 1976, 1980, 1986, 2000 и 2001; Идејата за формирање на македонскиот јазик и КПЈ, „Гласник“ на ИНИ, ⅩⅣ, 2-3, Скопје, 1970, 5-24; Националноста, националната свест и јазикот со осврт на македонската националност и македонскиот литературен јазик, Скопје, 197; Мартовските демонстрации во Скопје во 1941 година, „Нова Македонија”, ЏЏВИИ, 8683-8685, Скопје, 25-27. Ⅲ 1971; Ѕвездениот миг на Скопје, „Вечер”, 2430, Скопје, 26. Ⅲ 1971, 15; Македонските студенти на Скопскиот факултет во учебната 1940-41 година, Скопје во НОВ 1941, Скопје, 1973, 57-62; Мартовските демонстрации во Скопје 1941 година. Дискусија, Скопје во НОВ 1941, Скопје, 1973, 401-403; Синтаксичко-генеративен речник на македонските глаголи, Скопје, 1979 (пробна свеска); Мартовските демонстрации во Скопје во 1941 година, Скопје во Ослободителната војна и револуција 1941-1945, том И, кн. прва, Скопје, 1984, 128-133; Македонските студенти на Скопскиот факултет во учебната 19401941 година, на истото место, 134-139; Моменти на партискиот живот во Варош. Пред Октомври: Единаесетти октомври: на Црвени Стени и нападот на Прилеп, Прилеп и Прилепско во НОВ 1944-15 мај 1945 година, Ⅲ, Скопје, 1985, 447-456; Нешто за емоционалните одлики и идејно-политичките мотивации на мартовските демонстрации во 1941 година во Македонија, Мартовските настани 1941 година во Македонија со посебен осврт на Скопје, Скопје, 1985, 114-118; Мартовските демонстрации во Скопје во 1941 година, Скопје во ослободителната војна и револуција 1941-1945, том И, книга прва, Скопје, 1984, 128-133; Македонските студенти на скопскиот факултет во учебната 1940-1945, на ист. место, 134-139; На македонско граматички теми, Скопје, 1990; Интенцијалносинтаксички речник на македонските глаголи, 6, Скопје, 1992–2001 (со коавтор); Македонски историо-социолингвистички теми, Скопје, 1994. ЛИТ.: Студиски ден посветен на Благоја Корубин, Скопје, 1998; Педесет години Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков 1953-2003, Скопје, 2003, 99-103; Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900-1944, Скопје, 1980, 196-202. С. Мл. Јован Корубин