КОРПУСИ НА НОВМ

КОРПУСИ НА НОВМ (октомври 1944 – 1945) – оперативни и оперативно-територијални воени формации во составот на НОВМ. Биле формирани три корпуси: Првиот македонски (скопски) корпус (во чиј состав влегла 42-та и Кумановската дивизија) со вкупно 6.737 борци и офицери; Вториот македонски (битолски) корпус (во чиј состав влегле 41-та и 49-та дивизија, а подоцна и 42-та и 48-та дивизија) со вкупно 11.340 борци и офицери; Брегалничко-струмички корпус (во чиј состав влегле 50-та и 51-та дивизија) со вкупно 11.963 борци и офицери. Освен дивизиите, корпусите имале и придружни единици за врска, за артилерија, за инженерија, НОПО и др. Со наредбата на Гш на НОВ и ПОМ (24. IX 1944) првите два корпуса биле именувани како македонски. ВК на НОВЈ реагирал со телеграма дека во зборот македонски се содржел сепаратизам, па наредил Првиот македонски корпус да се преименува во ⅩⅤⅠ МНОК на НОВЈ, а Вториот македонски во ⅩⅤ МНОК на НОВЈ. ИЗВ.: Зборник НОР, Ⅶ, Београд, 1954. В. Ст. Благоја Корубин