КОЛЕДАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

КОЛЕДАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ -. обредни лирски народни песни што се исполнуваат на празникот Бадник – Коледе. Тие се неразделно поврзани со коледарските обичаи, со палењето на коледарскиот оган, но и со одењето по коледица по куќите. Децата најпрвин околу коледарскиот оган, а потоа по домовите пеат коледарски песни, со кои искажуваат желби за среќа, здравје и напредок и за тоа се дарувани со колачи, јаболка, костени, ореви, пари и сл. Поради ваквата функција, и нивниот карактер е обредно церемонијален. Како песни што се исполнувале на почетокот од новата година, со нив луѓето ги изразувале своите желби и надежи таа да им донесе благосостојба, среќа и здравје. Освен искажаните желби, во нив децата го најавуваат и доаѓањето на големот празник Божик (Денеска е Коледе утре е Божик…), како и Новата година – Василица (Коледица меледица, и по неа Василица…). Во некои краишта (Велешко, Тиквешијата и др.) околу коледарскиот оган се пееле еротски песни. Многу од овие песни по некои вообичаени шеми се импровизираат на самото место, зависно од потребите на учесниците во коледарските обичаи. Ова особено се однесува за еротските песни што се пеат околу коледарскиот оган. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Македонскиот фолклор и националната свест, 1, Скопје, 1987, 65; Кирил Пенушлиски, Одбрани фолклористички трудови, 2, Скопје, 1988; Марко Китевски, Македонска народна лирика, (Обредни песни), Скопје, 1997. М. Кит. Панде Колемишевски