КОВАЧЕВ, Владимир

КОВАЧЕВ, Владимир (Штип, 1875 – Софија, 1910) – поет и револуционер, автор на заедничка песнарка со Христо Силјанов („Тагата на робот”), близок соборец на Гоце Делчев, брат-близнак на Владислав (Славчо) Ковачев, истакнат активист на ВМРО и автор на публицистички труд од капитално значење. Живеел и творел како емигрант во Бугарија. Во текот на релативно краткиот живот рано се пројавил како учесник во револуционерното движење. Татко му Михаил Ковачев (1840–1908) бил раководител на Штипскиот револуционерен комитет и учесник во Илинденското востание. Учителствувал во Штип, Скопје и Солун. Чичко му Јосиф Ковачев (1839–1898), познат педагог, бил основач на првото машко педагошко училиште во Штип (1869) и автор на учебници за тогашните училишта. Брат му Славчо е Штипски војвода во времето на Илинден; дипломирал право на Сорбона во Париз. Во Скопје поминал дел од своето детство. Образованието го продолжил во Софија, каде што со бројното семејство емигрирал кон крајот на ⅩⅠⅩ в. Се школувал како питомец на софиското Воено училиште. Овдека ја впива идејата на руските социјал-демократи (Доброљубов, Чернишевски, Херцен, Писарев), а има можност да се запознае и со лектира од македонските социјалисти во Бугарија (Димитар Благоев, Васил Главинов, Спиро Гулапчев). Контактира со македонската група околу сп. „Лоза”. Кон литературата пројавува интерес уште од школските клупи. Од тој период потекнува неговата ракописна стихозбирка „Песни за Македонија”, која постхумно е објавена во Скопје (1997) во препев на Петар Т. Бошковски и Томе Арсовски. Песнарката ја пронаоѓа во Државниот архив на Бугарија д-р Зоран Тодоровски. Песните се во духот на насоката што ја воведоа Марко Цепенков, Трајко Китанчев, Ефтим Спространов, Никола Киров Мајски – создавање култ кон поробената татковина. Г. Т.