КИЧЕВО

КИЧЕВО – град во западниот дел на РМ: 27.067 ж. (2002 г.). Се наоѓа во јужниот дел на Кичевската Котлина, околу Калето, на составот на Зајашка и Тујнска Река, на надморска висина од околу 620 м. Преку него поминува магистралниот пат М–4 кој на север го поврзува со Гостивар, а на југ со Ох-рид. Со регионален пат на запад преку Јама е поврзан со Дебар, а на исток по долината на Треска со Македонски Брод. Од Скопје преку Тетово и Гостивар до Кичево води и железничка линија. Градот зафаќа површина од 906 ха. Има променетоконтинентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 10,7°С и просечни годишни врнежи од 762 мм. К. е стара населба. Првпат под името Кицавис се споменува во 1018 г. како населба во Охридската архиепископија. Се развил околу тврдина на која има остатоци од претсловенскиот период. Градот доста напреднал во ⅩⅤⅠⅠⅠ в. кога К. станало седиште на каза. На почетокот на ⅩⅩ в. бројот на населението пораснал на 4.844 ж. Меѓутоа, по Балканските војни, со иселување на Турците во К. останале да живеат само околу 1.000 ж. Градот брзо се развива во втората половина на минатиот век, кога од 9.567 ж. во 1953 г. бро-јот на населението се зголемува на 27.067 ж. во 2002 г. Од нив 15.031 ж. се Македонци, 7.641 Албанци, 2.406 Турци, 1.329 Роми и мал број на Власи и Срби. К. е седиште на општина која зафаќа површина од 4.914 ха, има 7 населени места со 30.138 ж. Главна стопанска гранка во градот е индустријата. Присутни се металната, електротехничката, дрвната, керамичката и текстилната индустрија. Во градот има гимназија, дом на културата, музеј и здравствен дом. Во с. Вранештица има фабрика за тули и ќерамиди, во с. Осломеј рудник за јаглен и термоцентрала, во с. Тајмиште ‡ културно-уметничко друштво. Кичево рудник за железна руда, а во с. Цер рудник за мермер. ЛИТ.: Тома Смиљанић, Кичевија. Насеља и порекло становништва, ЏЏВИИИ, Београд, 1935; Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, кн. Ⅹ, ДСЗ, Скопје, 2004. Ал. Ст.