КИТАНОВ, Ванчо

КИТАНОВ, Ванчо (Пехчево, 1923 – месноста Врши Дол, Виничко, 21. Ⅴ 1943) – првоборец од НОБ. Како ученик во Струмичката гимназија станал член на СКОЈ (1941), а наскоро потоа и член на КПЈ. Бил борец на Првиот плачковички НОПО, а при неговото разбивање од бугарската војска и полиција успеал да ја пробие блокадата (18. Ⅻ 1942) и се илегализирал. Во отсуство бил осуден на 15 години затвор. Подоцна станал борец на Штипскиот НОПО „Гоце Делчев” и загинал во борба со бугарската војска и полиција. ЛИТ.: Ѓорѓи Трајковски, Преглед на спомениците и спомен-обележјата во СР Македонија (од периодот на преродбата до социјалистичката изградба), Скопје, 1986; Штип и Штипско во Народноослободителната војна 1941–1945, Прилози од научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 во Штип, кн. 1–4, Скопје, 2000. С. Мл. КИТАНЧЕВ, Трајко (с. Подмочани, Преспа, 1858 – Софија, 1895) – поет, есеист, публицист, преведувач, општественик, прв претседател на Македонскиот врховен комитет во Софија. Бил народен пратеник во Бугарското на-Трајко Китанчев родно собрание. На рана возраст заминува во Цариград, каде што му помага на татко си, којшто се занимавал со градинарство. Во турската престолнина го посетува бугарското училиште „Кирил и Методиј”. Учител му е големиот бугарски преродбенски деец и поет Петко Р. Славејков. Подоцна грижи за неговото школување пројавува митрополитот Натанаил Кучевишки, кој му овозможува школувањето да си го продолжи во Русија (1875), со стипендија од Руската влада. Најпрвин учи во Одеса а потоа во Киев, каде што ја завршува Духовната академија (1879). Во текот на 1879/80 студира правни науки на Московскиот универзитет. Поради нарушеното здравје се враќа во Бугарија, каде што учителствува во неколку градови (Пловдив, Габрово, Трново, Софија). Во текот на учебната 1882/83 престојува во Солун како професор во Солунската егзархиска гимназија. Како пројавен русофил, влегува во конфликт со бугарскиот кнез Фердинанд, за што е прогонуван и осудуван. Од 1884 до 1894 г. е пратеник во Бугарското народно собрание. Бил редовен член на БДК (БАН) од 1884 г. Пишувал на бугарски и на македонски јазик. Автор е на две поеми за Марко Крале и на четириесетина песни, преостанати од поголемиот број стихотворби што во миг на депресија ги фрлил во Егејското Море. Познат бил како извонреден оратор. Го превел на бугарски јазик романот „Дон Кихот” од Сервантес. Г. Т.