КАРЕВ, Никола

КАРЕВ, Никола (Крушево, 1877 – с. Рајчани, 1905) – учител, социјалистички и национален деец, револуционер и војвода. Завршува четврти клас во Битолската гимназија, а на 16 години заминува на печалба во Бугарија. Заедно со Васил Главинов, под чие влијание ги прифаќа социјалистичките идеи, ја основаат Македонско-одринската социјал-демократска група (1896). Подоцна, со Веле Марков формира социјалистичка група во Крушево (1899). Во ТМОРО се вклучува по Првата социјалистичка конференција, а на Смилевскиот конгрес (1903) е избран за горски началник на Крушевскиот реон и како таков учествува во Илинденското востание (2. Ⅷ 1903) и во ослободувањето и одбраната на Крушево. По престојот извесно време во Бугарија, тргнува со чета во Македонија, но на пат кон Крушево, загинува во битка со турската војска кај с. Рајчани. ЛИТ.: Историја на Крушево и Крушевско, Крушево, 1978; О. Иваноски, Никола Карев, Битола, 1991; К. Топузоски, Никола Карев 1877–1905 – Живот и потоа, Скопје, 2005; Никола Карев. Време и дело, Скопје, 1969; Блаже Ристовски, Никола Карев и Веле Марков во народната песна, во кн.: Македонскиот фолклор и националната свест. Истражувања и записи, И, Скопје, 310–327; Танас Вражиновски, Македонски историски преданија, Скопје, 1992, 293–294. Б. Р.-Ј.