КАВАДАРЦИ

КАВАДАРЦИ – град во Повардарјето со 34.252 ж. (2002 г.). Се наоѓа од двете страни на Ваташка Река (Луда Мара) во Тиквешката област, на надморска висина од Кавадарци 270 м. Зафаќа површина од 866 ха. Има променета медитеранска клима со просечна годишна температура на воздухот од 13,6°Ц и просечна годишна количина на врнежи од 476 мм. Преку Неготино е поврзано со Автопатот Е–75, а до градот води индустриски колосек како крак од меѓународната железничка линија Скопје–Атина. К. во почетокот било село. Како градска населба било формирано во втората половина на ⅩⅠⅩ в., а брз развој доживува по изградбата на вардарската железница, кога доста напреднала трговијата со вино и афион. Во почетокот била именувана како Велехан, потоа го добила името Кавадарци. Меѓу двете светски војни К. имал аграрно-занаетчиска функција. Во 1931 г. во градот живееле 5.504 ж. Неговото население особено се зголемило од 1950 г.: во 1953 г. во К. живееле 8.540 ж., а во 2002 г. тој број се наголемил на 34.252 ж., од кои Македонци биле 33.125 ж., додека од малцинствата најбројни биле Ромите (606), потоа Србите (184) и Турците (164). К. денес е општина и центар на најпознатиот македонски лозарски реон – Тиквешкиот. Општината зафаќа површина од 99.244 ха, има 40 населени места со 38.741 ж. Покрај лозарството, значително е застапено и одгледувањето на тутун. Во К. има голема винарска визба, комбинат за преработка на дрво, металургиски комбинат за фероникел, претпријатие за преработка на тутун, фабрика за бижутерија и др. Кавадарци е културно-просветен и здравствен центар на Тиквешијата. Во него работат неколку основни и две средни училишта, има Дом на културата и Медицински центар. Кај с. Возарци на Црна Река во 1968 г. е изградена вештачка акумулација и хидроцентрала. ЛИТ.: Митко Панов, Географија на СР Македонија, природни и социогеографски карактеристики, кн. И, Скопје, 1976; По-пис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, кн. Ⅹ, ДСЗ, Скопје, 2004. Ал. Ст.