ИНСТИТУТ ЗА ПСИХОЛОГИЈА

ИНСТИТУТ ЗА ПСИХОЛОГИЈА .- студиска група на Филозофскиот факултет во Скопје (Катедра за психологија, ННСГ за психологија). Наставно-научната дејност ја започна во 1974/75 г. Во почетокот, носители на наставниот процес се шестмина наставници и соработници: проф. д-р Ристо Ѓорѓевски, доц. д-р Наум Тодороски, пред. м-р Јаков Лазароски и асистентите м-р Томе Николоски, м-р Зоран Стојановски и м-р Олга Мурџева-шкариќ. Во изминатите три децении, на основачите на Катедрата за психологија им се придружија и нови соработници, кои со текот на времето се стекнуваа со научни и наставни звања. За успешниот развој на Институтот за психологија во годините по основањето се заслужни и извесен број наставници од други универзитетски центри во тогашната СФРЈ. Институтот за психологија континуирано соработува со Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет и со Клиниката за психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Освен додипломски, на Институтот се организирани и постдипломски студии (специјалистички студии по училишна психологија, воведени во учебната 2005/06 и магистерски студии, кои постојат повеќе од две децении (1980/81)). Заклучно со мај 2006 г. на овој Институт дипломирале 1.275 студенти, магистрирале 21, а со највисокото научно звање доктор по психолошки науки се стекнале 20 лица. Од 2004 г., студиите на овој институт (на додипломско и постдипломско ниво) се организирани според ЕКТС. Во 1990 г. на Институтот почна да работи Лабораторија за мир и интеркултурно воспитание, која во 1993 г. прерасна во Балкански центар за проучување на мирот. Во тој период се отвори и Психолошко советувалиште за млади што имаат потреба од психолошка помош. Од 1999 г., неколку години на Институтот за психологија постоеше Центар за психосоцијална и кризна акција, наменет за унапредување на здравјето на младите и за интервенирање во кризни ситуации. Од февруари 2005 г. почна да работи и Центар за изработка и примена на тестови Психометрика. На Институтот се организирани и неколку научно-стручни собири: 25 години на Институтот за психологија (1999), Сто години психоанализа Вежби во Институтот по физика (2000), За подобар статус: стратегии за унапредување на психолошката практика (2000) и Психологијата и другите области (2004). ЛИТ.: Филозофски факултет во Скопје: 1920–1946–2006, Скопје, 2006, 114-119. В. Арн.