ЗЛЕТОВО

ЗЛЕТОВО – село во ПробиШтипско. Се наоѓа од двете страни на Злетовска Река на надморска височина од околу 500 м. Со ПробиШтип е поврзано со регионален асфалтен пат. Тоа е најголемо село во Општина ПробиШтип и во минатото било главна населба во целата област. Населено со Македонци, чиј број е во пораст. Во 1953 г. во него живееле 1.324 ж., а во 2002 г. тој број се наголемил на 2.477 ж. Населението се занимава со земјоделство. Има неколку трговски и занаетчиски дуќани, потоа осумгодишно училиште и здравствена станица. Ал. Ст.