ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО МАКЕДОНИЈА

ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО МАКЕДОНИЈА. Стопанскиот развој, урбанизацијата, хемизацијата во земјоделието предизвикаа интензивни процеси на загадување на животната средина. Урбанизацијата предизвика енормен раст на цврст комунален смет, за кој се неопходни простори за депонии за негово складирање. Употребата на минерални ѓубрива и на средства за заштита во земјоделието создаваат сериозни проблеми како во однос на квалитетот на подземните води така и во однос на квалитетот на прехранбените производи. Непочитувањето на нормите во просторното планирање и во урбанизмот предизвикува силни процеси на намалување на земјоделските површини, а отсуството на системи за прочистување на отпадните индустриски води и гасови создава сериозни проблеми не само по здравјето на човекот туку и за опстанокот на живите организми. Друштвото на еколозите на Македонија укажуваше на овие проблеми уште во 1970 г., а по осамостојувањето на нашата земја се вклучија и еколошките друштва, преку ДЕМ, актуелизирајќи ги проблемите врзани за квалитетот на животната средина во одделни региони на Македонија. Колкав е интензитетот на антропогениот притисок врз животната средина покажува следниов пример: од користењето на течни енергенти во сообраќајот во Скопје дневно се испуштаат над 200 т загадувачки материи на воздухот од кои најмногу СО , СО , 22 чад и многу други гасови. Загрозувањето на животната средина во современата економска литература се третира како негативна екстерналија и типичен до-мен на пазарен неуспех (в. пазарен неуспех). Во современите пазарни економии, постојат неколку пристапи за владина регулација на загрозувањето на животната средина: директна владина контрола на штетните материи што претпријатијата можат да ги исфрлаат во опкружувањето; даноци за испуштање штетни материи (како вид на интернализација на негативните екстерналии); кривична одговорност за загадувачите и приватни пристапи (т.н. Коуз теорема). Почетокот на процесот на транзиција привремено го етаблираше проблемот со загрозувањето на животната средина на маргините на научниот интерес. Ниското ниво на развиеност на македонската економија, високиот интерен и екстерен дефицит, дебалансот на релацијата трудкапитал, структурните дисторзии и други, беа само дел од проблемите што во овој период се чинеа поакутни. Сепак, присуството на „критична маса” на загаденост на животната средина ја даде клучната повратна спрега, која не дозволи негова целосна ефемерност, така што денес на разрешувањето на овој проблем се гледа како на значаен предуслов за идниот развој на Македонија. Се јавува потребата за еколошко профилирање на идниот развој на земјата. Конвенционалната макроекономска политика во Македонија во периодот на транзицијата се најде исправена пред многу сериозни проблеми. Преодот кон пазарна економија бараше менување на нејзините дотогашни постулати, односно прифаќање и почитување на пазарните принципи и на деловната самостојност на економскиот субјект. Во вакви услови се постави прашањето: како и во кој контекст да се смести нужната еколошка ориентираност. Во случајот со Република Македонијаи нејзината институционализирана ориентација кон ЕУ дилемата беше како економските субјекти, кои сè уште не ги почувствувале ваквите сигнали, да се наведат на тоа. Единствено решение претставуваше поттикнувањето такви активности што ќе значат интернализација на еколошките трошоци и ризици, односно пристапување кон преземање на ваквите трошоци од страна на таргетираните економски субјекти со сопствени решенија. Некои од овие предуслови беа содржани во двата Национални еколошки акциони плана, првиот промовиран во 1997 г., а вториот во 2005 г. Подготвени како резултат на соработката помеѓу Владата и Светската банка, односно ЕУ, тие ја утврдија основната рамка на приоритетните проблеми и ги посочија нивните алтернативни решенија, поаѓајќи од принципите на ефикасност и економичност. Правните основи на заштитата на животната средина во Македонија имаат уставна подлога. Со Уставот на Република Македонијае утврдено правото на секој човек да ги ужива благодатите на здравата животна средина, но во исто време тој е должен да ги унапредува и да ги штити животната средина и природата, за што државата треба да му создаде услови. Од посебна важност е што слободата на пазарот и претприемништвото може да се ограничат само во услови кога тоа го наложува безбедноста на државата, како и зачувувањето и унапредувањето на природата, животната средина и здравјето на луѓето. Поаѓајќи од ваквите основни уставни определби, во декември 1996 г., Собранието со консензус го донесе Законот за заштита и унапредување на животната средина и природата, популарно наречен „еко-устав”. Овој закон беше целосно ревидиран и надополнет 2005 г., со усвојување на новиот Закон за животната средина. Донесувањето на ваква законска регулатива претставуваше одговор на несредената состојба од претходниот период, кога правната рамка на заштитата на животната средина беше воспоставена со преку 120 закони и подзаконски акти. Во практиката тоа создаваше низа проблеми од конфузна природа. Политиката на заштита на животната средина и соодветното законодавство во Република Македонијаво наредниот период неизбежно ќе се оценуваат низ призмата на приближувањето и пристапувањето кон ЕУ. Во овој контекст не можат да се одминат познатите ацљуис цоммунаутаире, со кои ќе се усогласува не само законодавството туку тие ќе се транспонираат, имплементираат и спроведуваат во практиката. На меѓународен план, Република Македонијаима потпишано многу значајни меѓународни, регионални и билатерални конвенции и договори. Државата е членка на Базелската, на Архуската и на Виенската конвенција за заштита на озонската обвивка, на Рамковната конвенција за климатски промени, на Конвенцијата за биолошката разновидност, на Конвенцијата за далекусежното прекугранично загадување на воздухот итн. Изнаоѓањето вистински сооднос помеѓу командноконтролните и економските мерки во заштитата на животната средина во Република Македонијаподразбира прецизно дефинирани еколошки стандарди, фокусирани пред сè на главните загадувачи на воздухот и на водните ресурси. Затоа, сосема е разбирливо што оваа политика како цели пред себе ги има: одржливиот развој, имплементирањето на принципот „загадувачот плаќа”, интегрирање на самата политика на заштита во другите секторски политики, стимулирање и реализација на економски и технолошки развој со благопријатен однос кон животната средина итн. Љ. Гр. иП. Н.