ЕКОТОКСИКОЛОГИЈА, АКВАТИЧНА

ЕКОТОКСИКОЛОГИЈА, АКВАТИЧНА – наука што ги изучува потенцијалните ефекти на загадувачите врз водените екосистеми. Оваа научна област е во постојан подем и нејзините резултати имаат сè поголемо значење за стопанството, за правната регулатива и за бројните еколошки организации. Таа е интердисциплинарна наука, која ги опфаќа екологијата, физиологијата, биохемијата, молекуларната биологија и хемијата. Испитувањата имаат цел подобро да се запознаат хазардните ефекти на загадувањето на различно ниво на биолошката организација – од клетка до екосистем, да се развијат техники за биомониторинг во акватичните екосистеми и да се обезбедат правилни проценки на ризикот и хазардните ефекти. Вакви истражувања во Македонија се присутни од 90-тите години на ХХ век во рамките на програмите за заштита на трите големи природни езера (Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро). Д. Р.-З.