ЕКОНОМИЈАТА КАКО НАУКА

ЕКОНОМИЈАТА КАКО НАУКА – го изучува алоцирањето, т.е. разместувањето на ретките ресурси кон точките на нивната рационална употреба. Според синтетичкиот концепт за предметот на изучување на економијата на нобеловецот Пол Семуелсон, економијата треба да одговори на три клучни прашања: што да се произведува? Како да се произведува? За кого да се произведува? Иако луѓето се интересирале за економски теми многу одамна, уште од античко време, економијата станала вистинска наука дури со појавата на делото на Адам Смит (1723–1790), Истражување на природата и причините за богатството на народите (1776). Оттогаш па до денешни дни, економијата доживува незапирлив подем. Економистите разликуваат микроекономија и макроекономија. Микроекономијата го испитува однесувањето на поединечните фирми, на потрошувачите и на одделните економски сектори во економскиот живот. Макроекономијата го изучува функционирањето на економијата во целина, односно ги елаборира најсинтетичките економски агрегати: стапките на раст на бруто домашниот производ (стапките на економскиот раст), невработеноста и инфлацијата и нивните меѓусебни односи. Економистите, Економскиот институт, Штип исто така, разликуваат позитивна и нормативна економија. Позитивната економија ги изучува фактите во економијата, т.е. економските појави, феномени и процеси такви какви што се во реалниот живот. Нејзините заклучоци се јасни, реални и често поткрепени со конкретни бројки, квантифицирани. Нормативната економија во анализата внесува етички и вредносни судови и критериуми и кажува какви треба да бидат работите. Несогласувањата меѓу економистите за некои економски прашања главно произлегуваат од нормативната економија. Економската наука во Македонија доживува сестран развој по Втората светска војна. Динамичниот економски развој на земјата наложи потреба за едукација на високостручни кадри од економската струка. Формирањето на Економскиот факултет во Скопје (1950 г.) главно со македонски наставен кадар (еден негов дел образуван во странство, а друг дел во југословенските универзитетски центри), претставуваше пресвртница во тој поглед. Во шеесеттите години на минатиот век беа отворени и првите постдипломски студии во Македонија (и во тогашна Југославија) по монетарна економија. За поттикнување на економските истражувања посебен придонес даде Економскиот институт од Скопје. Потоа следуваше формирање и на други високообразовни институции (високи школи и факултети) од економската струка (Прилеп и Ох-рид). Во земјата се појавија и првите економски списанија („Стопански преглед”, годишниците на факултетите и на Економскиот институт и др.), а започна да се развива и издавачката дејност (средношколски учебници, скрипти, универзитетски учебници и сл.). Растот и развојот на македонските економски високообразовни и научни институции отвори можности и за престој на наши кадри во реномирани странски универзитети, за стекнување на економските кадри со нов фонд на знаења и нивни трансфер во земјата. Во ист правец дејствуваше и растот и развојот на модерните македонски претпријатија, вклучувајќи ги тука и оние со распространета меѓународна активност, банките, осигурителните компании итн. Развојот на македонската економска наука доби во квалитет по осамостојувањето на Република Македонија, со комплексната реформа на студиските програми на економските факултети и нивно приближување кон европските и светските стандарди, со уште понагласена можност за размена на наставници и стуЕкономскиот факултет, Прилеп денти со странски универзитети, студирање на наши кадри во странство, учество на македонските научници и експерти во значајни меѓународни научни проекти, формирање на нови економски факултети и на заеднички студии (додипломски и постдипломски) со реномирани странски универзитети, со воспоставување модерни макроекономски одделенија во НБМ и во Министерството за финансии итн. ЛИТ.: П. Самуелсон анд Њ. Нордхаус, Ецономицс, Еигхтеентх Едитион, МцГрањ-Хилл Интернатионал Едитион, 2005, 3–15; Т. Фити, Економија – основи на економијата, Скопје, 2006, 5–19. Т. Ф.