ДОНСКИ, Кирил Миланов

ДОНСКИ, Кирил Миланов (Штип, 21. IX 1923) – пронаоѓач и иноватор, унив. професор. По основното образование работи како земјоделец на имотот на семејството. За преживувачка се вработува во белградската леарница „Меркур” (1936) и станува член на УРС-овите синдикати. Со завршеното тригодишно стручно-продолжително образование, како механичар (со веќе пројавени иноваторски и рационализаторски идеи) работи во фирми во Штип, во Скопје и во Битола (1940-1943). По бегството од бугарската војска се вклучува во македонската бригада на полковникот Пецо Трајков (1944). Како командант на баталјон, го завршува Вишиот офицерски курс и е упатен на Сремскиот фронт, каде што неколку пати е рануван. По враќањето како поручник станува заменик на командантот на Скопскиот воен аеродром. Кон крајот на 1945 г. е испратен на школување во Воената воздухопловна академија во Панчево (1946). Во соработка со некои свои професори, работи врз идејата за реактивен мотор (пренесена и лично на Тито). Незадоволен од националнот статус на Македонија во Федерацијата, заедно со други македонски офицери, се вклучува во тајна организација за отцепување на НРМ како самостојна држава. Во почетокот на 1948 г. се уапсени и осудени за дело против народот и државата. По година и пол е условно пуштен од затворот (есента на 1949) и се вработува како работник во МЗТ – Фабрика за земјоделски машини „Метална” во Штип. Чувствувајќи ја потребата за стручно совладување на агро-технолошката наука, се запишува на Земјоделскиот факултет во Скопје (1959). Како студент на Катедрата за механизација успева да патентира неколку нови машини и уреди, меѓу нив и „Универзален комбајн со летечки работен орган” за кој на Меѓународната изложба за пронајдоци во Брисел го добива првиот златен медал за пронаоѓаштво во Македонија (1962). Работи во фабрики за земјоделски машини во Сомбор, Пожаревац, Земун и во Нови Сад. Со посредство на Машинскиот факултет во Белград е вклучен како соработник на Машинскиот институт на САНУ (1964). Ги завршува и постдипломските студии на Факултетот за технички науки во Нови Сад. Во Штип формира Инженеринг – организација за проектирање и изградба на производни капацитети (1966). Биле изградени 12 производствени капацитети од областа на металопреработувачката и прехранбената индустрија, како и разни сервиси, фарми, оранжерии и сл. главно во Источна Македонија. По формирањето на Економскиот факултет во Штип, К. Донски е избран за професор по општа технологија и научноистражувачка работа. По пензионирањето (1987) формира Центар за унапредување и презентација на иновациското творештво во Штип. На Меѓународната изложба на пронајдоци во 1998 г. за аерокомбајнот (со 7 функции) доби сребрен медал и благородничка титула од белгиската влада „Витез на пронаоѓаштвото” (21. XI 1999). Има регистрирано над 40 разни пронајдоци и извесен број унапредувања. Делото го заокружува со мемоарската книга „Подвизи за славата на Македонија” (1997). ЛИТ.: Драг. П. СтефановиÊ, Самоходна фабрика кише, „Техничке новине”, В, 5, Београд, 1. Ⅴ 1962, 3; Тодор Јовановски, Иновациите го подмладуваат, „Вест”, Ⅵ, 1900, Скопје, 21. Х 2006. Бл. Р.