ДЕСПОТОВСКИ-ШОВЕЉ, Благоја

ДЕСПОТОВСКИ-ШОВЕЉ, Благоја (Дебар, 1919 – Скопје, 7. Ⅹ 1941) – молерски работник, првоборец. Во родниот град завршил основно училиште, а во потрага по вработување работел во бродоградилиштето во Сремска Митровица (1937-1938), каде што станал член на УРС-овите синдикати. По враќањето во Скопје (1939) работел во Пиротехничкиот завод во Ѓорче Петров. Како член на КПЈ (од 1940), заради политичко дејствување сред монополските работници, по налог на МК на КПЈ преминал на работа во Тутунскиот монопол во Скопје. Поради таа дејност бил уапсен (25. Ⅱ 1941 – 6. Ⅳ 1941). Учествувал на советувањето на Скопската организација на КП (Козле, 22. Ⅵ 1941), на која едногласно е решено да започнат подготовките за оружената борба. Наскоро потоа се илегализирал и се приклучил на една од скопските диверзантски групи (јули – 22. Ⅷ 1941). Учествувал во акцијата за снабдување со експлозив од рудникот Радуша. Бил борец на Првиот скопски НОПО (22. Ⅷ 1941) и директен учесник во атентатот на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков-Кросот, при што и загинал. ЛИТ.: Боро Кралевски, Беа, загинаа, останаа, Скопје, 1969, 52; Александар Спасовски, Скопски НОП одред, Београд, 1971; Митре Инадески, Хронологија на Скопје. Работничкото и народноослободителното движење 1939-1945, книга втора, Скопје, 1974, 22, 43, 53, 60, 64, 70–71 и 75; Крсто Здравковски, Да не се заборави. Споменици и спомен белези од НОВ во Скопје, Скопје, 1982, 35, 40–41, 49–50 и 148–149. С. Мл.