ДЕРВЕНСКА КЛИСУРА

ДЕРВЕНСКА КЛИСУРА – клисура на реката Вардар. Се протега од утоката на Беловишка Река до с. Рашче во должина од 21,5 км. Всечена е во тријаските варовници на Жеден од десната страна и Градиште и Долги Рид од левата страна на Вардар. Ги поврзува Полошката Котлина на северозапад и Скопската Котлина на југоисток. Во клисурата постојат три теснини и две ерозивни проширувања. Во првото проширување се селата Дворце и Долно Орашје, а во второто с. Радуша и рудничката колонија. Преку клисурата води железничка пруга од нормален колосек изградена во 1952 г. Т. Анд.