ДЕЛЧЕВ, Димитар

ДЕЛЧЕВ, Димитар (Мицо) Николов (Кукуш, 1879 – с. Бајалци, Гевгелиско, 4. Ⅱ 1901) – комита, помлад брат на Гоце Делчев. Се школувал во родниот град и во егзархиската гимназија во Солун, каде што станал член на ТМОРО. Како организатор на бунтот на учениците против самоволијата на директорот, бил исклучен од гимназијата (1896), па со помош на братот Гоце, образованието го продолжил во Дупница, живеејќи во семејството на Никола Малешевски. Но и тука не го довршил образованието и станал комита (летото 1900). Загинал како борец во четата на војводата Христо Чернопеев по 12-часовна борба со османлиската војска. Кога му ја соопштиле веста на братот Гоце, тој само прашал: „Се држеше ли херојски?“ ЛИТ.: Јован Павловски, Огнено семејство. Спомени на Лика Чопова, Скопје, 1978; Д-р Симо Младеновски, Револуционерката Руша Делчева. По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983. С. Мл.