ДЕКЛАРАЦИЈА НА ПРВАТА ВЛАДА НА МАКЕДОНИЈА

ДЕКЛАРАЦИЈА НА ПРВАТА ВЛАДА НА МАКЕДОНИЈА (25. Ⅳ 1945) – Президиумот на Народното собрание (16. Ⅳ 1945) ја именувало првата Влада (од 9 министри, двајца потпретседатели), под претседателство на Лазар Колишевски, одговорна пред Народното собрание. Владата објавила Декларација за програмата и за приоритетите: ангажирање на сите сили за конечното ослободување на Југославија; ставање крај на мирновременската политика (на претседателот на Президиумот Методија Андонов–Ченто) – македонскиот народ „прв се ослободил со најмалку жртви”; чување на братството и единството, безобѕирна пресметка со шовинистите и со националистите. Македонија можела да биде среќна само во силна Југославија. ЛИТ.: Првата влада на Македонија, документи, Скопје, 1995. М. Мин.