ДВАЕСЕТТА МАКЕДОНСКА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА БРИГАДА

ДВАЕСЕТТА МАКЕДОНСКА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА БРИГАДА (месност широк Дол, Беровско, 18. Ⅹ – декември 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ. Била формирана од околу 700 борци и се наоѓала во составот на Педесет и првата (македонска) дивизија на НОВЈ. Дејствувала во реонот на Радовишко и Струмичко и во борбите за ослободување на Штип (23. Ⅹ). По борбите против германската група Катнер, која се повлекувала од Струмица кон Штип, го ослободила Радовиш (со 80 заробени германски војници и офицери и запленето оружје и воен материјал, 6. XI), влегла во слободниот Штип (8. XI) и потоа ја запоседнува македонско-грчката граница меѓу Гевгелија и тромеѓата со Бугарија (12. XI). Откако нараснала на 1767 борци (28. XI), главнината влегла во составот на Педесеттата (македонска) дивизија на НОВЈ, а еден баталјон во Осмата (македонска) дивизија на КНОЈ. ЛИТ.: Боро Митровски, Борбените дејствија на единиците на НОВ во Струмичкиот регион во периодот септември–ноември 1944 и германската документација во врска со нив, Струмица и Струмичко во НОВ 1943–1945, Струмица, 1983; Д-р Марјан Димитриевски, Македонската војска 1944–1945, ИНИ, Скопје, 1999, 136–137. С. Мл.