ДАНОЦИ НА ИМОТ ВО РМ

ДАНОЦИ НА ИМОТ ВО Република Македонија– група даноци што се наметнуваат на имотот во сопственост на индивидуални (граѓани) или на правни лица (претпријатија). Во оваа група даноци, според вообичаената меѓународна класификација, спаѓаат: 1) данокот на имот; 2) данокот на наследство и подарок, и 3) данокот на промет на недвижности и права. Овие даноци во даночниот систем на Република Македонијасе темелно изменети со даночната реформа од почетокот на 1994 г. Данокот на имот се плаќа врз основа на сопственоста на недвижен имот (станбени згради и станови, деловни и административни згради, неаграрно земјиште итн.). Даночен обврзник е физичко или правно лице, сопственик или плодоуживател на имотот. Даночната основа произлегува од пазарната вредност на имотот. Даночната стапка е пропорционална и изнесува 0,10%, но општините можат да пропишат повисока стапка во границите до 0,20%. Данокот на наследство и подарок се плаќа за недвижен имот и при правото на плодоуживање и користење на недвижен имот што се наследува или се прима како подарок. На оданочување подлежи и подвижниот имот во различни облици (пари, хартии од вредност итн.). Даночен обврзник е физичко или правно лице – резидент на Република Македонијашто наследува или прима како подарок имот во земјата и во странство. Даночната основа произлегува од пазарната вредност на наследството или подарокот. Даночните стапки се пропорционални, а нивната висина зависи од наследниот ред (2–3% за наследник од втор наследен ред и 4–5% за наследник од трет наследен ред). Класичното решение кај овој данок, што е предвидено и во даночниот систем на РМ, е ослободувањето од даночната обврска на наследникот, односно примателот од прв наследен ред. Данокот на промет на недвижности и права се плаќа на прометот на недвижности, односно преносот со надомест на правото на сопственост на недвижности. Обврзник на данокот е физичко и правно лице – продавач на недвижности. Даночната основа се утврдува според пазарната вредност на недвижноста во моментот на настанувањето на обврската. Стапката изнесува 2–4%. Данокот на имот се плаќа тримесечно, а данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности и право се плаќаат во рок од 15 дена од денот на пристигнувањето на решението за даночната обврска од надлежниот орган на Управата за јавни приходи. Даноците на имот вообичаено се со многу умерен фискален рандман. Во современите даночни системи, како и во даночниот систем на РМ, тие се типични локални даноци. ЛИТ.: Закон за даноците на имот, „Службен весник на Република Македонија”, 80/93, 54/2000. Ж. А.