ГРАДОК Маркови Кули

ГРАДОК – Маркови Кули (с. Манастир, Мариово) – доцноантичка утврдена населба и средновековна тврдина. Двете возвишенија од брдото Градок се обѕидани со масивни бедемски ѕидови. Во југоисточниот и југозападниот дел од тврдината има остатоци од трикорабна базилика и помала црквичка, а во нивна непосредна близина и на поширокиот простор остатоци од стопански и од станбени објекти. Во јужниот и северниот кораб и во северната припрата од базиликата се најдени шест средновековни гробни конструкции. Доцноантичките објекти припаѓаат на мала населба од Ⅳ- Ⅵ в., од која во средниот век се обновени дел од фортификацијата и сакралните, стопанските и станбените објекти. Наодите на монета од Јован Цимиски, неколкуте ситни примероци на бронзен накит од Ⅹ–Ⅻ в., бројното присуство на фрагменти од средновековни керамички садови и предмети од ковано железо на целиот простор од возвишенијата на брдото го потврдуваат постоењето на тврдината и на дел од објектите низ средниот век. ЛИТ.: Н. Чаусидис, Неколку доцноантички градишта во Мариово, „Мацед. ацта арцхаеол.”, 13, Скопје 1993, 221-226; И. Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје, 1996, 261-263. Л. К.