ГРАДИНАРСТВО

ГРАДИНАРСТВО – една од најинтензивните земјоделски гранки во растителното производство во светот и кај нас. Градинарството е стара земјоделска гранка, позната на старите Грци, Римјани, Египќани и Кинези пред 3.000–4.000 години. Во светот се познати над 1.000 градинарски (зеленчукови) видови растенија, а од нив околу 120 се одгледуваат, додека 40–50 вида се со позначајна земјоделска вредност. Како храна градинарските производи се со ниска енергетска вредност, но исклучително се богати со витамини, минерални материи, органски киселини и со антиканцерогени состојки. Се смета за корисно еден човек секојдневно да консумира 400–500 г свеж зеленчук. Кај нас еден човек дневно консумира 220–230 г, а годишната потрошувачка по жител изнесува 85 кг. Во Република Македонијаградинарството е застапено на околу 60.000 ха (1985–2002), од кои 328 ха во затоплувани и 4.500 ха во незатоплувани (елементарни) заштитени простори. Вкупното производство изнесува околу 800.000 т. Д. Ј.