ГОРНИК, Рудолф (Сремска Митровица, Војводина, 1. Ⅳ 1898 – Загреб, 19. Ⅱ 1980) – инженер-агроном, основоположник на тутунската наука во Република Македонијаи во Југославија, посебно во областа на селекцијата. Дипломирал на Земјоделскиот факултет во Прага (1923). Заедно со други колеги, пред Управата на државните монополи го иницирал отворањето на првата експериментална станица за подобрување на квалитетот на тутунот во Прилеп. Министерството ја прифатило иницијативата и била отворена првата балканска Тутунска опитна станица во Прилеп (1924), на којашто станал управник (1928), а кога таа прераснала во Институт за тутун (1936) станал и негов директор (1936-1939). Потоа заминал за началник на Државниот монопол за тутун во Белград. По Ослободувањето пак бил директор на Тутунскиот институт во Прилеп (1946–1954), а потоа работниот век го завршил како директор на Тутунскиот институт во Загреб. Дал особен придонес во осовременувањето на тутунското производство и во истражувањето на нови сорти подобни за македонското поднебје. Како резултат на таа научноистражувачка работа биле добиени новите (сега доминантни) сорти ориентален тутун „Прилеп 10-3/2“, „Прилеп 12-2/1“, „Јака-киречилер 7-4/2“ и „Отља“. Исто така, се занимавал и со интродукција на нови сорти тутун од типот „Вирџинија“ и создал повеќе хибридни сорти отпорни на пероноспората на тутунот. Автор е на над 60 научни и стручни трудови од областа на селекцијата, одгледувањето, производството и преработката на тутунот. Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав (25. Ⅻ 1979). За неговите заслуги за тутунопроизводството во Прилеп, прогласен е за почесен граѓанин на градот. БИБ.: Оплемењивање дувана, Прилеп, 1973. ЛИТ.: „Билтен“ на МАНУ, Ⅵ/2, Скопје, 1979; Т(ачко) Л(оквенец), Рудолф Горник беше омилен стручњак и човек. Сеќавање на основоположникот на тутунската наука во Прилеп. „Нова Македонија“, ЏЏЏВИ, 11886, Скопје, 26. Ⅱ 1980, 6; Ин мемориам. Горник инж. Рудолф, „Тутун“, 1-2, Прилеп, 1980; Летопис на МАНУ, Скопје, 1980. С. Мл.