ГОЛУБОВСКИ, Димитрие

ГОЛУБОВСКИ, Димитрие (Скопје, 15. Х 1945) – архитект. Дипломирал на Архитектонско-градежниот факултет, Архитектонски оддел во Скопје (1971). Кратко време по дипломирањето работел во Градскиот завод за урбанизам и архитектура во Скопје. Истата година е избран за асистент, а потоа и во другите наставнички звања. Редовен професор е по предметот Основи на проектирање (од 1998). Освен со педагошка, се занимава и со научноистражувачка работа, со особен интерес во проучувањето на традиционалните градски структури – маала и нивната рехабилитација. Се занимава и со архитектонско проектирање. Учествува и на анонимни архитектонско-урбанистички конкурси. Објавил повеќе критики и есеи за архитектурата во стручните списанија „Информатор А” и „Аршин”. БИБ.: Методологија на проектниот процес, Зборник на Архитектонскиот факултет, 3, Скопје, 1979, 195-212. Кр. Т.