ГИНОВСКИ, Велимир Каражов

ГИНОВСКИ, Велимир Каражов (Галичник, 5. Ⅱ 1912) – економист, стопанственик, државник. По завршувањето на Економскиот факултет во Скопје, специјализирал индустриска политика во Виена. Поголемиот дел од работниот век го поминал како стопанственик – раководител на големи индустриски комбинати во Македонија. Најпрвин бил помошник-директор на Републичкиот завод за стопанско планирање во Скопје (1950–1952), потоа поставен за началник за стопанство во Општината Тетово (1953–1954), генерален директор на комбинатот Тетекс во Тетово (1955–1960). По секретарството во Индустриската комора на Македонија (1961– 1963), станал републички секретар за стопанство во Извршниот совет на СРМ (1963–1965), а потоа помошник-сојузен секретар за финансии во Белград (1965–1969). До пензионирањето бил генерален директор на ХЕК „Југохром” во Тетово (1969–1984). За својата успешна работа е добитник на високи награди и признанија.Бл. Р.