ГАРАШАНИН, Милутин

ГАРАШАНИН, Милутин (Бел-град, 11. IX 1920 – Белград, 4. Ⅳ 2002) – академик, проф. по археологија. Студии завршил во 1946 г. на групата за Класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал на Филозофскиот факултет во Љубљана (1950). Работел во Музејот на град Белград и во Народниот музеј во Белград (1945-1946). Од 1950 г. е соработник на Археолошкиот институт; во 1957 г. е избран за вонреден, а во 1963 г. за редовен професор на Филозофскиот факултет. Дописен член на САНУ станува во 1963 г., редовен во 1976 г., а во два мандата бил избран за нејзин секретар. Бил дописен член на АНУБИХ и постојан член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата во Сараево. Во мај 2000 г. е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав. Членувал во разни тела на научни институции и организации во земјата и во странство (Археолошки институти во Германија, Австрија и Италија). За почесен член на МАНД е избран во 1981. Раководел редица археолошки истражувања во Србија и во Македонија. Во неговиот научен опус посебно место зазема проучувањето и презентацијата на археолошкото минато на Македонија, на кое му посветил речиси половина од својот работен век. Од 1956-1981 г. ги раководи истражувањата на повеќе праисториски наоѓалишта: Криви Дол во с. Радање и Вршник кај с. Таринци, Штипско; шуплевец во с. Суводол, Битолско; Барутница кај с. Анзабегово во Овче Поле; Слатина кај с. Зелениково, Скопско. Врз основа на откриените резултати тој го определува хронолошкиот и културниот карактер на праисторијата на Македонија, а го поставува и нејзиното место во културната еволуција на праисторијата на Балканот. Од посебно значење е воведувањето на културните групи, кои претставуваат синоними за карактерот на одделни праисториски периоди: Анзабегово – Вршник, културна група за постариот неолит; Зелениково Ⅱ – културна група за доцниот неолит; шуплевец – Бакарно Гумно, културна група за енеолитското време. Според наодите од Радање тој ја предложил и временската поделба на железното време. Исто така ги раководел и ископувањата на наоѓалишта од римското време: Крст во с. Таринци и Скупи кај Скопје. Во својство на стручен консултант или рецензент помагал во развојот на археолошката истражувачка работа и изложбена дејност на Музеите во Штип и во Битола, Музејот на град Скопје и Музејот на Македонија. Објавил повеќе од 370 труда. БИБ.: Хронологија Винчанске групе, Лјублјана, 1951; Неолитхицум унд Бронзезеит ин Сербиен унд Македониен, БРГК, 39, 1958, 1-30; Цонтрибутионс â ла цхронологие де л’ âге ду фер ен Мацедоине, ЖА, Ⅹ, 1-2, Скопје, 1960, 173-182. В. С. Иван Гарванов