ВОЛНАРОСКИ-КОЉА, Круме Ицков

ВОЛНАРОСКИ-КОЉА, Круме Ицков (Прилеп, 1909 – Прилеп, 9. Ⅴ 1944) – бакал, комунистички деец и народен херој од НОАВМ. Како симпатизер на КПЈ, активно учествувал во собирањето Црвена помош; станал член на КПЈ (1941) и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп, а како илегалец во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО (1942-43). Како секретар на ОК на КПМ (кон крајот на 1943 – 9. Ⅴ 1944), учествувал во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ. Заедно со соборецот Кире Гавриловски бил откриен и куќата била опколена од околу 100 бугарски полицајци. Дури шестпати ја одбиле понудата за предавање. Притоа успеале да убијат еден и да ранат двајца бугарски полицајци. Окупаторските сили успеале да ја запалат зградата и по жестоката оружена престрелка, за да не паднат живи во непријателски раце, се решиле на саможртва. Прогласен е за народен херој на Југославија (11. Ⅹ 1953). ЛИТ.: Коце Солунски, Волнароски Ицко Круме-Коља, Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 82-89; К(оста) Поповски, Живи факели за слободата, Загинувањето на народните херои Кире Гавриловски-Јане и Круме Волнароски-Коле, „Вечер”, ЏЏЏВИ, 7707, Скопје, 9. Ⅴ 1988, 6. С. Мл.