ВОДИЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ

ВОДИЧАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ – семејни песни што се исполнуваат на празникот Богојавление – Водици. На првиот ден од празникот, што се именува и Машки Водици, по коледица одат само мажите. Тие пеат песни и собираат дарови, најчесто во прехранбени продукти, од кои подоцна кај кумот прават заедничка гозба. Нивните песни се гостински песни, што се исполнуваат и во други пригоди. На вториот ден од празникот, именуван како Женски Водици, по коледица одат жените, ги посетуваат куќите од својата компанија, и на секој член му пеат посебна песна, во зависнот од неговата возраст и положба во семејството. На домаќинот му се пее за напредок на куќата, за синови, снаи и внуци, на штотуку земена невеста и се посакува пород, на жена со деца и се пее за школување на децата, на момчињата и девојките им се пее за женење и мажење. Со посебни лирски чувства се исполнети песните за малите деца. ЛИТ.: Милан Ристески, Македонски обреди и обредни песни од Мариово и Прилепско, Скопје 1985; Марко Китевски, Македонска народна лирика, (Обредни песни), Скопје 1997. М. Кит.