ВИЗАНТИЈА

ВИЗАНТИЈА (Источно Римско Царство, 330 – 1453) – доцноантичка и средновековна држава. Името го добила по стариот град Византион на Босфор, каде во 330 г. Константин Ⅰ Велики ја изградил новата престолнина Константинопол. Го задржала државно уредување на Римското Царство, како негов источен дел, оттаму и името Источно Римско Царство, нејзините жители се нарекувале Ромеи (Римјани), службен јазик во почетокот бил латинскиот, а од Ⅶ в. грчкиот. Ја негувала хеленистичката култура и христијанската религија. Најголем подем во раниот период имала во времето на Јустинијан И (527–565), кој водел успешни војни и успеал, привремено, да го обнови некогашното Римско Царство. Тогаш била извршена кодификација на римското право и бил издаден познатиот Јустинијанов зборник на закони. Во времето на царот Ираклиј И (610–641), Словените и Аварите го освоиле Балканот, а Арабјаните Сирија, Палестина и Египет. За време на македонската династија (867–1056) Византија внатрешно се консолидирала и зајакнала. Царот Василиј Ⅱ го ликвидирал Самуиловото Царство (1018) и ја воспоставил византиската власт на Балканот. По неговата смрт, државата започнала да слабее. Во времето на династијата на Комнините (1081–1185) одново ги зацврстила своите позиции на Балканот, до пред крајот на Ⅻ в. кога се осамостоиле Бугарија, Рашка, а Селџуците продреле во Мала Азија. Ослабена ја освоиле крстоносците од Четвртиот крстоносен поход (1204) и на нејзино место на Балканот го формирале Латинското Царство (1204–1261). Во Мала Азија било создадено Никејското Царство, чиј владетел Михаил Ⅷ Палеолог ја обновил Византија (1261). Обновената слаба држава ги губела териториите; на Балканот од Србите, во Мала Азија од османлиите. Кон крајот на ⅩⅣ в. Византија била сведена само на Цариград со околината. Во 1453 г., кога османлиите го освоиле Цариград, Византија престанала да постои. ЛИТ.: Г. Острогорски, Историја на Византија, Скопје, 1992; А. А. Василиев, Хисторѕ оф тхе Бѕзантине Емпире, Мадисон, 1952; История Византии в трех томах, Москва, 1967; Ц. Манго, Тхе Оџфорд Хисторѕ оф Бѕзантиум, Оџфорд, 2002; Ј. Халдон, Дас Бѕзантинисцхе Реицх, Дусселдорф, 2002. К. Аџ.