ВЕРСКИ ЗАЕДНИЦИ во Република Македонија (- религиозни организации на верски заедници и религиозни групи. Според Законот за верските заедници и религиозните групи верските заедници претставуваат доброволно организирани, непрофитни заедници на верници од иста вероисповед, а религиозните групи се доброволни, непрофитни здружувања на верници со исто верско убедување кои не припаѓаат на регистрирана верска заедница. Верските заедници се организации на верници кои им припаѓаат на религиите со долга традиција на територијата на Македонија – христијанската, исламската или јудејската. За секоја вероисповед може да постои една верска заедница. Во христијанските заедници влегуваат: Македонската православна црква, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Христијанската адвентистичка црква, Христијанската баптистичка црква „Радосна вест“, Евангелско-конгрешанската црква, Евангелската црква во Република Македонија , Божјата црква, Новоапостолската црква во Македонија, Независната Христова црква, Христијанската црква „Блага вест“. Исламски заедници се: Исламската верска заедница на Република Македонија и Бекташиската верска заедница (првата цени дека дервишкиот бекташиски ред е нејзин составен дел). Јудејската религија е претставена со Еврејската верска заедница. Верските организации се изделени од државата и се еднакви пред законот. ЛИТ.: Устав на Република Македонија , „Службен весник на Република Македонија “, Скопје, 2002; Закон за верски заедници и религиозни групи, „Службен весник на Република Македонија “, Скопје, 1997. М. Таш.