ВЕЛИКОВ, Антон (Дончо) (с. Драгостин, Неврокопско, Пиринскиот дел на Македонија, 13. Ⅴ 1912 – Софија, 5. Ⅴ 1975) (псевд. Алекси Беломорски) – еден од првите членови на МЛК во Софија (1938–1942), потпретседател на МЛК „Никола Вапцаров“ (1945– 1948) и на МЛК на студентите од Пиринска Македонија (1950–1951), прозен писател (на бугарски јазик), публицист и новинар. По завршувањето на основното образование (1929), се запишува во Военото училиште во Варна (1933), но поради здравствени причини го напушта (1934) и, како печатарски работник во ќустендил и потоа во Софија (1934), рано се вклучува во ВМРО(Об) и учествува во печатењето на нејзините легални и нелегални изданија (1935–1936). Станува член на Литературниот кружок „Христо Ботев“ и издаваат заеднички зборник од свои литературни творби „Први бразди“ (1937). Како активист на РМС и после член на КПБ (1938) и антифашистички деец, по обновувањето на МЛК во Софија (1938) објавува повеќе раскази и репортажи во прогресивниот печат. По Војната е редовен соработник во органот на Македонскиот национален комитет „Македонско знаме“ (1945–1946), потоа извесно време е претседател на Општинскиот суд во Неврокоп (1947), па станува професионален новинар во софискиот в. „Труд“, каде што и останува сè до пензионирањето (1948–1958). Покрај објавената проза, во ракопис му останува текстот „Страници од мојата биографија“ (1972). БИБ.: Страници од мојата биографија. Редакција, предговор и превод Васил Тоциновски, Скопје, 1997. ЛИТ.: Васил Тоциновски, Тројца кружочници Ѓорѓи Абаџиев, Асен шурдов-Ведров, Антон Великов-Беломорски, Скопје, 1997, 152-253; истиот, Кружочникот Антон Великов-Беломорски, зб.: „Македонското научно-литературно другарство и неговиот континуитет до основањето на Македонската академија на науките и уметностите. Прилози од научниот собир…”, МАНУ, 1997; истиот, Возбуда по зборот, ИМЛ, Скопје, 2000, 230-254. Бл. Р.