ВЕЛЕС

ВЕЛЕС – град во Средно Повардарје: 43.716 ж. (2002 г.). Лежи во малата Велешка Котлина, на двата брега на р. Вардар. Градот зафаќа површина од 1.100 ха, а се протега на надморска височина од 155 до 270 м. Преку В. води магистралниот пат М–1, односно европскиот пат Е–75, кој на југ го поврзува со Гевгелија и Солун, а на север со Скопје. Градот е и железнички јазол во кој од вардарската пруга се одвојуваат пруги за Штип и Кочани кон исток и Прилеп и Битола кон запад. Во В. допира влијанието на променета средоземноморска клима. Просечната годишна температура на воздухот изнесува 13,3°С. Главен хидрографски објект е реката Вардар, а во околината е и езерото Младост. В. е стара населба. Првпат под името Била Зора се споменува во 217 г. пр.н.е. кога како град во Пајонија потпаѓа под власта на македонскиот крал Филип В. Тогаш за македонската држава, градот кој лежел недалеку од вливот на р. Тополка во Вардар, имал големо стратегиско значење за одбрана на нејзините северни граници од Дарданците. Во средниот век, под името Велес се споменува во почетокот на XI в. во една повелба на византискиот цар Василиј Ⅱ. За време на Душановото владеење В. бил престолнина на деспотот Јован Оливер. Под Турците потпаѓа во 1395 г. Тие му даваат ново име – ќупурли или град на мостови. Во 1689 г. В. доживува тешки денови, бил заземен од австриската војска која при повлекувањето го запалила. Од крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. па сè до 70тите години на ⅩⅠⅩ в. В. брзо се развива и станува значаен стопански, културен и административен центар. Во втората половина на ⅩⅠⅩ в. во градот живееле околу 20.000 жители, и силно била развиена трговијата со кожа, со жито и со вино. Нашироко бил познат велешкиот панаѓур на кој најмногу се тргувало со сахтијан. Во градот годишно се преработувале околу 400.000 парчиња кожа која главно се набавувала од Косово, а се извезувала во Будимпешта и Виена. Кога ослабнала трговијата со кожи, велешките трговци започнале да се занимаваат со трговија на жито. Таа се развила особено за време на Кримската војна (1853–1856 г.), кога цената на житото била многу висока. Во тој период Вардар станува пловна река по која житото од В. со посебни сплавови наречени шајки, се пренесувало до Солун. По изградбата на железничката пруга во 1873 г. околу железничката станица започнал да се развива индустрискиот дел на Велес. Од 1900 г. до 1931 г. неговото население е во опаѓање, а потоа започнува да расте. Тој пораст се задржува сè до 1991 г., за потоа бројот на неговото население да стагнира. Во 2002 г. во В. живееле 43.716 ж. Од нив 40.269 ж. или 92,2% биле Македонци, 1.694 ж. или 3,9 % Турци, 799 ж. или 1,8% Роми, 340 ж. или 0,8% Власи, 297 ж. или 0,7% Срби, 91 ж. или 0,2 % Албанци. 36 ж. Бошњаци и 190 ж. се декларирале како други. В. е седиште на општина која зафаќа површина од 42.745 ха, има 29 населени места со 55.108 ж. Поволната сообраќајна положба овозможила В. во втората половина на минатиот век да се развие во значаен стопански и културно-просветен центар. Од индустриските објекти поважни се: текстилните фабрики „Нонча Камишова” и „Ветекс”, топилницата за олово и цинк „Злетово”, фабриката за порцелан „Борис Кидрич”, фабриката за тули и керамиди „Киро Чучук”, фабриката за вештачки ѓубрива „Велес” во с. Згрополци, фабриката за крзно „Димко Митрев”, фабриката за металски приколки „Браќа Кошулчеви”, фабриката за поправка на вагони „Велес”, фабриката за масло „Благој Ѓо-рев”, фабриката за вар и повеќе други мали индустриски претпријатија. Меѓу позначајните културно-историски споменици се вбројуваат црквите „Св. Димитрија” и „Св. Никола” изградени во ⅩⅣ в., Саат кулата во центарот на градот, Меморијалниот споменик од левата страна на Вардар во кој е сместен и музеј. Од В. потекнува и еден од најголемите македонски поети од првата половина на ⅩⅩ в., Коста Рацин. Неговата родна куќа е претворена во музеј. Велес е родното место на преродбеникот Јордан Хаџи Константинов– Џинот, на Васил Главинов, на солунските атентатори (т.н. Гемиџии). Во градот има гимназија, средно хемиско училиште, неколку осумгодишни училишта, дом на културата, театар, кино, музеј, локална радиостаница, сеизмолошка станица и медицински центар со повеќе одделенија. ЛИТ.: М. С. Филиповиќ, Положај и територијални развитак Велеса, „Гласник Географског друштва”, св. ⅩⅩ и ⅩⅪ, Београд, 1934–1935; Митко Панов, Географија на СР Македонија, природни и социогеографски карактеристики, кн. И, Скопје, 1976. Ал. Ст.