ВАСИЛЕСКА, Илка Богоева

ВАСИЛЕСКА, Илка Богоева (псевд. Божана; Присаѓанка) (Прилеп, 2. Ⅱ 1923 – с. Никифорово, Гостиварско, 7. Ⅶ 1944) – шивачка, комунистички деец и организатор на НОБ. Била член на месното КУД „Коста Абрашевиќ“ (1940), член на КПЈ (1941) и на МК на КПЈ во Прилеп (март 1942). По апсењето од бугарската полиција (мај 1942), поради недостиг на докази, била ослободена. По повторното апсење (10. IX 1942) била интернирана на шест месеци во Бугарија (првата половина на 1943), а по враќањето се приклучила во единиците на НОВ и ПОМ. Извесно време работела во Партизанската печатница „Гоце Делчев“, а потоа била член и инструктор на Првиот областен комитет на КПМ, посебно на подрачјето на Гостивар и Гостиварско. Враќајќи се од состанок на Првиот областен комитет на КПМ од базата во Кременчук, наишла на балистичка заседа и, за да не биде заробена, се самоубила. ИЗВ.: Жените од Македонија во НОВ 19411945. Зборник на документи, Скопје, 1976. ЛИТ.: Последниот рафал на Илка Присаѓанка, „Просветена жена“, Скопје, октомври 1963, 11; Нуфре Јовановски, Активноста на Илка Василеска-Присаѓанка-Божана во Гостиварско, Мавровско и Кичевскиот регион, Прилеп и Прилепско во НОВ 1943 година, кн. втора, Скопје, 1981, 95-106. С. Мл.