БУРИЛЧЕВО – енеолитска населба сместена од десната страна на патот Штип – Кочани (14 км од Кочани), на ридот Пилаво, недалеку од с. Бурилчево (2 км кон исток). Поставена е на зарамнето плато на ридот, на околу 80 м над реката Брегалница. Констатирана е енеолитска двослојна населба врз којашто се наоѓаат траги од хеленистичкиот период. Пронајдени се куќи градени од плитар и од кал (долги до 8 м, а широки до 6 м). Како ентериерни решенија на просторот, тогашните жители користеле парапетни ѕидови за подвојување за определени функции. Во секое живеалиште имало огниште и печка, а надвор од нив земјанки и полуземјанки што се користеле како работен прос-тор за подготвување храна (транжирање месо, обработка на школки, произведување коскени и камени алатки и др.). Садовата керамика со конусни и биконусни форми е декорирана со графитно сликање врз темносива измазнета површина. Откриени се коскени, камени, кремени и глинени алатки, кои се минуциозно обработени. Големиот број антропоморфни и зооморфни фигурини укажуваат на нивниот богат духовен живот. Хронолошки овој локалитет се вклопува во широкиот културен комплекс Бубањ – Салкутца – Криводол. ЛИТ.: И. Колиштркоска Настева, Антропоморфни и зооморфни фигурини од лок.Пилаво, с. Бурилчево, „Мацедониае Ацта Арцхаеологица“, 15, Скопје, 1999, 25-32; И. Колиштркоска Настева – С. Карпузова, Графитно декорирана керамика од лок. Пилаво, с. Бурилчево, Кочанско, „Археологија“, Ⅱ, Скопје, 2005, 57. Ир. К.-Н. Бурмали џамија во Скопје