БУГАРСКО-ГРЧКИ СОЈУЗ

БУГАРСКО-ГРЧКИ СОЈУЗ (16/29. Ⅴ 1912) – сојуз создаден со склучување на тајниот политички Договор за сојуз (официјално одбранбен) и Воената конвенција (22. IX / 6. Ⅹ 1912), потпишани во Софија. Договорните страни се обврзале да си даваат помош со сите расположливи вооружени сили во случај едната или двете да бидат нападнати од османлиската држава, како и при систематско кршење на правата на грчката односно на бугарската народност. Со Воената конвенција договорните страни се обврзале во случај на војна Бугарија да употреби најмалку 300.000 војници, а Грција со најмалку 120.000 војници; воените сили да бидат мобилни и концентрирани на границата подготвени за воени дејства. Грција уште се обврзала со својата флота да обезбеди надмоќ во Егејското Море и да ги прекине поморските врски на Турција со европскиот дел, а Бугарија офанзивно да дејствува со доволно сили против османлиските сили во Македонија, во трите вилаети (Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот). Во случај Србија да учествува во војната, Бугарија со сите свои сили можела да дејствува во Тракија. Страните-потписнички не можеле да склучуваат примирје подолго од 24 часа, ниту да започнуваат преговори за мир, без претходен договор и без писмена согласност од другата страна. За територијалните прашања не постигнале согласност и ги оставиле да ги решаваат дополнително. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави, Скопје, 2000; А. шоповъ, Какъ ни се наложи Балканската война. Съ прибавление пълния текстъ на всичките договори и конвенции съ Сърбия и Гърция, София, 1915. М. Мин.