БОЖИНОВСКИ, Петар (Пецо) Ташков (псевд. Кочо) (Битола, 15. Ⅰ 1920 – Битола, 1971) – првоборец и народен херој. Како работник станал член на СКОЈ и на КПЈ (1941). По фашистичката окупација бил член на Воениот комитет на МК на КПЈ во Битола, борец на Битолскиот НОПО „Пелистер” ( 22. Ⅳ 1942), Битолско-преспанскиот НОПО (6. Ⅶ 1942), специјален курир при Главниот штаб на НОВ и ПОМ (јуни 1943), заменик политички комесар на чета во НОПО „Дамјан Груев” (Ⅷ 1943), а потоа заменик политички комесар на Седмата македонска НО бригада (јуниоктомври 1944). Во оружените борби двапати бил рануван. Прогласен е за народен херој на Југославија (2. Ⅷ 1952). ИЗВ.: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и Револуцијата 19411945. Избор, редакција и коментар: д-р Вера Весковиќ-Вангели и Марија Јовановиќ., Скопје, 1976, 257-258. ЛИТ.: Александар Поповски, Божиновски Ташко Пецо – Кочо, Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 70-75. С. Мл. Боро Божиновски-Прцан