БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА (Богоротка, Богомајка, Божја Мајка, Дева Марија) – според Библијата, Божја мајка, мајка на Спасителот Исус Христос. Кон неа народот има изградено посебен однос на почит. Се верува дека таа е народна застапничка пред нејзиниот син Исус и дека му ги пренесува молитвите и желбите. Присутна е и во баењата. Таа е заштитничка на леунките, поради што кога се породуваат ја повикуваат да им помогне. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Во Македонија неа ја почитувале и Турците, именувајќи ја како Муарем Ана, и ја повикувале кога некоја жена се породувала. Во народните песни едни растенија (пченица, грозје) таа ги благословува, затоа што $ се поклониле, а други ги проколнува (евла, јасика) затоа што не го сториле тоа. Има многу преданија за чудотворни (животворни) икони поврзани со нејзиното име. Народот празнува повеќе празници поврзани со нејзиното име: Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица, (21/8. IX), Воведение на Пресвета Богородица, (4. Ⅻ/21. XI) Благовештение, (7. ИВ/25. Ⅲ), Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица (28/15. Ⅷ), Собор на Пресвета Богородица (8. И/26. Ⅻ), Покров на Пресвета Богородица (14/1. Ⅹ), Појас на Пресвета Богородица (13.IX/31. Ⅷ) итн. ЛИТ.: Марко Цепенков, Македонски народни умотворби, книга деветта Народни верувања, Детски игри, редактирале Кирил Пенушлиски и Лепосава Спировска, Скопје 1972, 20; Јоаким Крчовски, Собрани текстови, приредил Блаже Конески, Скопје, 1974; Марко Китевски, Македонски празници, Скопје, 2001. М. Кит.