БЛАГОСОСТОЈБА

БЛАГОСОСТОЈБА – поим што се однесува на квалитетот на животот на луѓето (в. Квалитет на живот). Проблемот на благосостојбата е поврзан со еден цел правец во економската наука – економија на благосостојбата. Во фокусот на вниманието на оваа научна дисциплина е благосостојбата на поединецот. Збирот на благосостојбата на сите поединци во општеството ја дава т.н. општествена благосостојба. Економијата на благосостојбата, во суштина, се сведува на два концепта: 1) концептот на економската ефикасност и 2) концептот на дистрибуцијата на доходот. Концептот на економската ефикасност во основа се одликува со позитивистички пристап и се однесува на „големината на питата”, додека концептот на дистрибуцијата на доходот во основа се одликува со нормативистички пристап и се однесува на „распределбата на питата”. Со цел што е можно повеќе да се одделат концептите на економската ефикаснот и на дистрибуцијата на доходот, економистите ја користат т.н. Парето ефикасност, според која дистрибуцијата е Парето ефикасна доколку ниту една редистрибуција на добрата не води до подобрување на состојбата на едни лица, без притоа да се влоши состојбата на други лица. Во РМ нивото на благосостојбата најчесто се мери преку индексот на човековиот развој, како и со доходовните (монетарните) мерила на сиромаштијата, како што се главниот збирен индекс и индексот на длабочината на сиромаштијата. Според индексот на човековиот развој, Македонија се наоѓа во групата земји со средно ниво на благосостојба (в. човеков развој), додека доходовните мерила на сиромаштијата покажуваат постоење на големи диспаритети во квалитетот на животот на луѓето (в. сиромаштија). ЛИТ.: Д. Бегг ет ал. (2000): Ецономицс, сиџтх едитион, МцГрањ-Хилл, 257-277. Д. Е.