БЛАГОЕВГРАД

БЛАГОЕВГРАД (порано: Горна Џумаја) – град во Пиринскиот дел на Македонија, Република Бугарија: 71.343 ж. (1992). Се наоѓа во Благоевградската Котлина, во подножјето на југозападните разграноци на планината Рила, од двете страни на р. Благоевградска Бистрица, на надморска височина од 400 м. Низ градот поминува меѓународниот пат Е–79 и железничка пруга кои на север го поврзуваат со Софија и на југ преку преминот Кула со Солун. На запад преку преминот Делчево, Б. се поврзува со магистралниот пат М–5 во Република Македонија преку кој се поврзува со Скопје, а на исток со исто таков пат е поврзан со Разлог и Банско. До Б. допира променета средоземноморска клима. Главен хидрографски објект е реката Благоевградска Бистрица, лева притока на р. Струма. Во Благоевград околината на градот се наоѓаат Благоевградските минерални води со вкупна штедрост од 16,8 л/сец и температура на водата од 54,6°Ц. Благоевград, кој до 1950 г. се викал Горна Џумаја, се развил врз старата тракиска населба Скаптопара. Како град под името Џума Пазари за првпат се споменува во документи од 1576 г. Во почетокот на ⅩⅠⅩ в. Б. станува центар на Горноџумајската каза и се развива како значаен занаетчиски и трговски центар. Според В. К’нчов кој го посетил градот кон крајот на ⅩⅠⅩ в. во него живееле 6.440 ж. Од нив 1.250 ж. биле христијани, 4.500 ж. Турци, 250 ж. Власи, 200 ж. Цигани, 180 ж. Евреи и 60 ж. Грци – христијани. Оттогаш па наваму населението во Б. е во постојан пораст. Најголемо зголемување е забележано помеѓу 1965 и 1975 г., кога е наголемено од 32.000 на 50.000 ж. Во Б. се развиени повеќе индустриски гранки како прехранбената, тутунската, текстилната, машинската, особено електротехничката индустрија и др. Во градот има 10 основни училишта, три гимназии, четири технички училишта, Виш педагошки институт и Американски универзитет. Б. е значаен здравствен центар со обединета реонска болница, има теа-тар, опера, историски музеј и повеќе културно-историски споменици. ЛИТ.: шарков В., Град Горна Джумая, Софи®, 1930; Труков М., Благоевград, София, 1964. Ал. Ст.