БЕРБЕРОВСКИ, Димитар

БЕРБЕРОВСКИ, Димитар (псевд. Таќа, Ефтим, Бербер-Климе) (Крушево, 23. Ⅵ 1921 – Тушин, Мегленско, 18. Ⅰ 1944) – национален деец и првоборец. По примањето за член на КПЈ (февруари 1942) преминал во илегалство и станал борец на Крушевскиот НОПО „Питу Гули“ (16. Ⅳ – до крајот на ноември 1942). Потоа со група борци од одредот преминал на илегален престој на територијата под италијанска окупација (Кичево, Гостивар и Тетово). Наскоро станал борец на Гостиварскиот НОПО (март 1943), потоа борец во Кичевско-мавровскиот НОПО, во НО баталјон „Мирче Ацев“, заменик командант на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ, воен раководител на Првата македонско-косовска НОУБ и командир на чета во Втората македонска НО бригада. Загинал во борба со германските сили. ЛИТ.: Зборник на загинати борци и жртви на фашистичкиот терор од Крушево и Крушевско во НОВ 1941 – 15 мај 1945, Крушево, 1994, 84-85. С. Мл.