БЕНДЕВСКИ, Коле

БЕНДЕВСКИ, Коле (с. Ѓавато, Битолско, 17. Ⅵ 1908 – Скопје, 25. Ⅳ 1991) – првоборец и општественик. На петнаесетгодишна возраст заминал печалбар во САД, работејќи како возач-таксист и работник во железарница во Гери и во Чикаго и се запознал со комунистичката идеологија. Поради илегалниот престој, бил уапсен и спроведен во затворите во Њујорк и на островот Њуфеундланд, а потоа депортиран во Солун (1932). По враќањето работел како автопревозник, а политички се активирал во времето на изборите (1938) и потоа станал член на КПЈ (1939). Како активист на НОАВМ, бил уапсен (1942–1944) во затворите во Битола, Скопје и Идризово, по што заминал како борец на Седмата македонска НО бригада. По Ослободувањето бил директор на автосообраќајни претпријатија во Битола и во Скопје, началник на Возниот парк на Владата на НРМ, директор на „Македонија пат“ и е пензиониран како началник во Автосообраќајното училиште „Боро Петрушевски” во Скопје (1964). Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: Во Скопскиот централен затвор, „13 Ноември“, Ⅹ, 10, Скопје, 1971, 2; Лажни сведоци, Оковани во пранги, Скопје, 1981, 71-75; Формирањето и работата на првата партиска ќелија во селото Ѓавато 1941 и 1942 година, Битола и Битолско во НОВ 1941 и 1942, кн. втора, Битола, 1978, 359-375 (коавторство со Тодор Чаталовски и Мијал Грбевски); Учеството на Ѓаваштани во акцијата на с. Кажани, Битолските народноослободителни партизански одреди, Битола, 1982, 158-160 (коавторство со Тодор Чаталовски и Мијал Грбевски); Револуционерната дејност на Трајан Белев-Гоце, Битола и Битолско во НОВ 1943–1944, кн. втора, Битола, 1982, 563-594 (коавторство со Мијал Грбевски). С. Мл. Трајан Бендевски